Кабинетот на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска соопшти дека е завршена реконструкцијата на улицата Никола Карев што предизвика негативни коментари на социјалните мрежи.
Групата ентузијасти „На точак“ ја прашаа Арсовска што е „модерно“ во обновата на улицата Никола Карев.
„Што е реконструирано на улицата Никола Карев? Просторот каде што се движат колите или целата улица по која се движат и пешаци, велосипедисти, луѓе во инвалидски колички…“, прашуваат од „На точак“.
„Оваа реконструкција ќе беше логично да служи за да се изведе безбедна велосипедска инфраструктура која ќе служи како конектор на постоечката од Рута 1 (Гази Баба до Карпош) од „Ист гејт мол“ преку мост Беласица со Рута 2 (Аеродром до Ѓорче) кај Железничка и по постоечката по остатокот од ул. Никола Карев сѐ до непостоечката на тазе изведената ул. Есенинова и по бул. Борис Трајковски, каде е зацртана Рута 3 (Кисела Вода до Ѓорче) од Скопје Велоград. Изгледа под ‘модерно’ во програмата ‘За модерно Скопје’ се мисли тоа што било модерно пред 20 години, а не во моментов“, пишува во нивната реакција на Фејсбук.
Од Град Скопје се пофалија утрово дека е реализирано уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје“, а тоа е реконструираната улица Никола Карев.
Градоначалничката Арсовска денеска направи увид и ја промовираше реконструираната улица Никола Карев, на потегот од крстосницата со булеварот Кузман Јосифовски Питу до крстосницата со улица Ѓуро Ѓоновиќ.
– За само една недела по почетокот на градежните работи на улицата Никола Карев во центарот на Скопје, која беше во лоша состојба истата е целосно реконструирана. Работевме со забрзана динамика со цел да избегнеме сообраќаен метеж во овој дел од градот, со оглед на фактот што станува збор за фреквентна улица која поврзува повеќе клучни сообраќајници и се наоѓа во непосредна близина на Меѓуградската автобуска и Железничка станица. Со реализацијата на овој проект, исполнуваме уште едно ветување од програмата „За модерно Скопје“, затоа што потребите на граѓаните се наш приоритет – истакна Арсовска.
На улицата Никола Карев се изврши реконструкција на коловозот на површина од 3.800 метри квадратни, нивелација на шахтите и на сливниците, а се постави соодветна хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација. Градежните работи ги изведоа екипите на јавното претпријатие „Улици и патишта“.