Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во април во однос на март е зголемена за 0,7%, а цените на мало се зголемени за 1,1%. На годишно ниво во април, трошоците на живот се зголемени за 4%, а цените на мало за 3,5%.
Овие податоци денеска ги објави Државниот завод за статистика.
Сспоред овие податоци, зголемувањето на инфлацијата е резултат на зголемувањето на трошоците на животот во транспортот за 2,8%, комуникации за 1,6%, храна и безалкохолни пијалаци, облека и обувки за 0,9%, рекреација и култура, ресторани и хотели за 0,6%, разновидни стоки и услуги за 0,4% и здравје за 0,2%.
Намалување на трошоците на животот е забележано во групите мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,5% и домување, вода, електрика, гас и други горива за 0,2%.
На исто ниво останале трошоците на животот во групите алкохолни пијалаци, тутун и наркотици и образование.
Цените на мало во април во однос на март се зголемени за 1,1%. Така цените на земјоделски производи за еден месец пораснаа за 1,4%, но на годишно ниво тие се зголемени за 15,6% .Кај прехранбени производи цените во април во однос на март се повисоки за 0,8%, но споредено со ланскиот период тие пораснале за 7%. Храна во април поскапела за 2,3%, а во однос на минатогодишниот април за 4,9%.
Највисок раст на цените има кај овошјето од 8,7% со годишен раст од 26,4% . Зеленчукот во април поскапел за 7,5%, а на годишно ниво за 12,7%. Кај лебот и житата забележан е раст на цената од 0,4%, а кај млекото, сирењето и јајца од 1,6%. Во април пораснала цената и на шеќерот, џемот, медот, чоколадата и на кондиторските производи за 3,7%