Не треба да биде исклучок, туку пракса секој што нема да ја оправда довербата на граѓаните и што нема да ги исполни очекувањата да замине од позицијата, без разлика на улогата во општеството што ја има, рече премиерот Христијан Мицкоски прашан за коментар за оставката на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева.
Мицкоски оцени дека Судскиот совет, судството и Јавното обвинителството во целина не успеале, а гражаните во нив имаат ниска доверба.
– Очекувам малку поголем фокус да имаат во справувањето со криминалот и корупцијата, но тоа пред сè важи за обвинителите кои среде акции, кога треба да потпишат налог за претрес или за приведување добиваат главоболка, покачена температура, грчеви во стомак, дијареја или анксиозност – повтори Мицкоски.
Во врска со одлуката на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски за реорганизација на силите во Обвинителството за поефикасен прогон на случаите со криминал и корупција, премиерот рече дека не би сакал да го коментира државниот обвинител. Рече дека власта има комотно мнозинство во Собранието за смена на Коцевски, но нема да постапува како претходните власти, бидејќи сака да му даде шанса на процесот.
– Тоа не е наша политика. Можеби на некои минати влади, но на оваа влада тоа не е политика. Ние можеме преку истражните органи како финансиска полиција, УЈП, МВР да подготвиме случаи и да му ги дадеме на Обвинителството, а потоа Обвинителството е тоа коешто поднесува пријава, а подоцна, доколку Судот ја прифати да суди. Јас само упатив пораки во јавноста и ќе продолжам да упатувам и кон обвинителите и кон судиите да си ја работат својата работа, да не бидат партнери со криминалците без разлика дали се тоа политички или вистински криминалци од улиците, туку да се борат против криминалот и корупцијата и конечно очекувам да почнат да си ја работат работата и да ја заработуваат платата којашто им ја даваат македонските граѓани, а не е мала – изјави премиерот.