Има ли можност земјоделството да се издигне на ниво на кое би требало да биде е прашање кое многу почесто од порано се поставува последниве години

Lorita
By Lorita 8 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Има ли можност земјоделството да се издигне на ниво на кое би требало да биде е прашање кое многу почесто од порано се поставува последниве години кога сѐ посилно стануваме увозно зависни и од производи кои ги имало на домашниот пазар па дури и се извезувале, кога на зелените пазари купуваме поскапи увозни производи, а познатите домашни веќе ги нема.

Со она што го имаме сега во овој сектор, тешко дека ќе го постигнеме посакуваниот ефект, а ако се оди со истото темпо и натаму нема да остане кој да работи на нивите. Ќе јадеме увезени скапи производи на сметка на запуштените ниви, велат земјоделци.

Тие очекуваат државна стратегија која ќе ги има предвид сите промени кои го следат земјоделството почнувајќи од изборот на културите преку потребните заштитни средства, климатските промени, конкуренцијата, цената па сѐ до заработката која треба да обезбеди развојна перспектива и подмладување на секторот. Таа стратегија, велат тие не смее да биде само хартија на убави желби, туку да се спроведува.

Ристо Велков од синдикатот на земјоделци вели дека за земјоделството во наредниот период ќе биде полошо бидејќи каква и стратегија да се донесе, во практика ништо не се спроведува и сѐ зависи од политичката волја.

– Стратегии се пишуваа, но треба некој да ги спроведе. А како ќе се спроведе кога нема интерес од страна на државата тоа да се направи и во земјоделството оди сѐ на полошо наместо да се подобрува. Измислуваме мерки во земјоделството, велиме стратешки култури, да се вратат младите на нивите, даваме субвенции… И што правиме? Еве низ последниот пример да видиме. Повторно на сцена исплива политичкиот интерес пред изборите пред земјоделците. Владата се фали дека ги намали маржите за овошјето и зеленчукот за да паднат цените на пазарите за граѓаните. И што се случи? Паднаа само откупните цени. Зелката и краставицата денеска се откупуваа по цена од 10 денари, а пиперот највисока класа 30 денари. Не знам која е цената на пазарите во Скопје, но знам дека не е ни далеку блиска на оваа. Таму владеат увозните производи кои во старт имаат неколкукратно повисока цена од нашата. Така е и кај другите култури. Сѐ на крај се истура на земјоделецот. Резултатот е јасен – намалено производство, нема кој да работи бидејќи младите заминаа, а увозот цвета – вели Велков.

Сличен став има и првиот човек на овоштарите Љубе Пампулески.

– Состојбата во земјоделството сега веќе се дели на – пред пандемијата и по неа. Порано имавме помала разлика меѓу производната и продажната цена на секој производ, па и производите беа поевтини за граѓаните. Но денес, по сите превирања за време на пандемијата и војната во Украина, разликата е 30 или 50 отсто и е неподнослива за земјоделецот, а за граѓаните тоа значи висока цена на овошјето и на зеленчукот на пазарите. Цената е зависна и од нашите трошоци кои драстично пораснаа. Но ние како овоштари сè уште држиме ниска цена. Лани јаболката одеа 10 до 15 денари, а на пазарите достигнаа и до 50 денари, но состојбата сега не е таква. Повторно се обидуваме да се најдеме со граѓаните на одредена ниска цена, но на пазарите има многу повисока цена. Можеби е потребно државата да ја надополни разликата во цената за да се продаваат поевтино на пазарот. Ако ги нема нашите производи цената на пазарите ќе ја диктира увозот – вели Пампулески.

Промените се видливи, вели тој, во сите сегменти на производството, а цената го одразува сето тоа.

– Сите енергенси поскапеа почнувајќи од нафтата па сѐ до струјата. Сите репроматеријали и заштитни средства се со драстични променети цени, а работната рака станува скапа и ја нема. Ако до пред некоја година работниците се задоволуваа со цена на час од 100 денари, сега ниту 200 денари не се доволни, а не е доволен ниту ручекот, пиењето и десертот. Дневница од 1.600 денари веќе не е интересна за работниците и во овој сектор. Младите, бидејќи нема иднина за земјоделството, избираат меѓу друга дејност и заминување во странство. Земјоделството старее и за 15 години можеби ќе биде целосно запуштено, ако не се преземат драстични промени. Нема работници, а ако се увезуваат тоа ќе значи нови дополнителни трошоци кои ќе го поскапат и производот наменет за пазар – додава тој.

- Advertisement -
Ad image

Посебен проблем за земјоделците последните години се и климатските промени и справувањето со нив, додава тој.

– Тука доцниме, бидејќи промените се брзи и незапирливи. Земјоделците не знаат каде да се придвижат, кои култури да ги преферираат во променетите услови. Затоа научната фела треба да се вклучи во овој процес и да оди пред него и да може да предвидува, да испитува и да предлага решенија – вели тој.

Според него, промени треба да се направат и во односот на државата кон вистинските земјоделци.

- Advertisement -
Ad image

– На прво место треба да се стават и по субвенционирање и по значење вистинските земјоделци. Не велам дека и оние кои како втора дејност го имаат земјоделството треба државата да ги отфрли, но сметам дека производството главно лежи кај вистинските земјоделци. Тие треба да се стават во првата категорија, а останатите според придонесот да се рангираат во втора и во трета категорија за субвенционирање и помош. Издвојувањето стратешки култури исто така е значајно, а значајно е и да се овозможи нивното производство да се зголемува. Треба да обезбедиме земјоделски производи конкурентни по квалитет и цена прво на нашиот пазар, а потоа и на пазарите во странство. Сега сме ставени во делот на чекање, ако Европа нема сопствено производство, тогаш увезува од кај нас и не гледа многу на квалитетот, а ако има сопствено производство се повикува на највисоките стандарди. Ако не го подобриме квалитетот на производството и воведеме стандарди сѐ повеќе ќе бидеме на чекање да потфрли некој во производството па да има место за нашите производи – вели тој.

Велков, пак, смета дека земјоделството во наредниот период ќе биде во уште полоша состојба.

– Од година во година бележиме намалено производство и покрај тоа што владите, носат мерки за зголемување на површините и квалитетот на производството и приносите. Но практиката покажува дека ништо не се прави да се задржат младите на нивите. Тие ги гледаат приходите кои ги прават и се откажуваат навреме. Земјоделци се само старци кои не можат ни да произведуваат многу. Тоа е фактичката состојба. А стратегии се прават само на хартија – додава тој.

Статистичките податоци говорат во прилог на тврдењата на земјоделците. Секоја година се намалуваат површините под земјоделски култури, а кај дел од производството на овошје и зеленчук секоја година се бележи намалување. Наспроти ова расте увозот на земјоделски производи. А и цените.

Share This Article