Илон Маск го претстави својот нов проект – вештачка интелигенција наречена Грок. Овој бот со вештачка интелигенција е првиот производ од компанијата xAI на Mask и моментално е на тестирање со ограничена група корисници во САД.
Според официјалното соопштение на компанијата, Грок користи податоци од X платформата на Маск, порано позната како Твитер, што му дава ажуриран приказ на светските настани во споредба со другите чет-ботови кои користат статични збирки на податоци.
Грок, според веб-страницата на компанијата, е дизајниран да одговара на прашања со одредена доза на духовитост и има „бунтовнички“ карактер. Во соопштението се наведува дека веќе во тест фаза, Грок покажал супериорност во однос на ChatGPT 3.5 во неколку репер тестови.
Грок е резултат на два месеци интензивен развој и ќе биде достапен за сите корисници на X Premium+ по завршувањето на фазата на тестирање. Маск зборува за неговата амбиција да ја развие платформата X во апликација која ќе вклучува различни услуги, слични на апликацијата WeChat во Кина. Грок ќе биде клучен дел во развојот на овој план, додека xAI, иако е посебна компанија, планира тесно да соработува со X, Tesla и други деловни потфати.
Претходно оваа година, Маск беше еден од потписниците на петицијата со која се повикува на пауза во напредокот на моделите со вештачка интелигенција, со цел да се развијат заеднички безбедносни протоколи.
„Го потпишав тоа писмо знаејќи дека е залудно.Само сакав да биде забележана мојата препорака за пауза.“ – напиша милијардерот на Твитер.
Неодамна, американскиот претседател Џо Бајден потпиша извршна наредба за надгледување на вештачката интелигенција, со цел да се постават стандарди за заштита на безбедноста и приватноста. Оваа тема беше предмет на дискусија меѓу лидерите на технолошкиот сектор и академиците на Самитот за безбедност на вештачката интелигенција што се одржа минатата недела во Велика Британија.