Стотици илјади долари во сметки за патни трошоци и за закуп на канцелариски простор не сакал да плати најбогатиот човек на светот, Илон Маск, газдата на Твитер, за неговата фирма, дознава Њујорк Тајмс. Весникот пишува дека ова е метод што Маск го усвоил за да ја порамни сумата од 44 милијарди долари за која ја купи оваа социјална мрежа, а која според него, не вредеше толку поради тоа што имала многу лажни профили пред неговото доаѓање.
Маск не одговарал на повиците на агенциите за патување кои барале да им бидат платени фактурите. Откажани се и филантропските проекти на Твитер и донациите за непрофитни организации. Изгледа дека најбогатиот човек на светот не се двоуми да ги примени ниту најнемилосрдните или најнесериозните методи за заштеда на дополнителни пари.„Илон покажа дека се грижи само за надоместување на загубите што ги прави како резултат на неуспехот да се извлече од својата обврзувачка обврска да го купи Твитер“, напиша вработен на компанијата „Slack“, цитиран од Њујорк Тајмс.
Тука секако се мисли на фактот што Маск за малку се откажа од купување на Твитер, но мораше да го купи бидејќи судската казна би била преголема.
Твитер загуби повеќе од половина од своите 7.500 работници откако Маск прати циркуларно писмо кое им се закани дека „или ќе работат хардкор или да си заминат“.