Или сите економски оператори да работат во недела, но со двојна или тројна дневница за работниците за тој ден или никој да не работи, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието од пратеникот Горан Мисовски.
Мисовски го праша премиерот Мицкоски дали Владата ќе го врати работењето во недела.
– И сега е недела работен ден, но, само за одредени економски оператори. Напишано е кои се тие оператори, во законот дури се ставени во квадрат. На пример, работи еден трговски центар што го отваравте со фанфари. Значи, и сега има економски оператори што работат во недела. Моето лично мислење е или никој да не работи во недела, вклучително и тие што сега работат, или, пак, тие што сакаат да работат да им даваат двојна дневница на работниците – рече Мицкоски.
Месечно по три пати мериме јавното мислење на разни теми, додаде премиерот и 75 отсто од испитаниците се за тоа да биде овозможено тие што сакаат да работат во недела, со двојни дневници.
– За ова ќе се разговара на следната седница на Економско социјалниот совет, ќе разговараме и со синдикатите и нема да направиме ништо со сила. Генерално, има две решенија, ќе повторам – или никој да не работи во недела или ако некој плати дупла дневница, да може да работи. Затоа што, има производни процеси што не трпат импровизација, не можат да го стопираат прозводството. Ќе имаме состанок со Економско-социјалниот совет и заедно ќе разговараме со работавачите и работниците. Мое лично мислење е да се добие повисока дневница и да се работи во недела – рече Мицкоски.