Македонскиот репрезентативец, Александар Трајковски потсети на легендарниот Артим Шакири на контролниот натпревар со унгарски Фехервар во Умаг, постигнувајќи гол директно од корнер во победата на Хајдук од 5:2.
Единствената разлика со ремек-делото на Шакири против голманот Дејвид Симан во ремито 2:2 на Македонија со Англија во 2002 година во Саутемптон е во тоа што македонскиот фудбалски репрезентативец погоди од левото корнер знаменце.
Сплиќани се подготвуваат за остатокот од сезоната во хрватскиот Умаг и ќе одиграат уште неколку пријателски мечеви до почетокот на хрватското првенство. Александар Трајковски пристигна во Хајдук летово и се покажа како солидно засилување. Офанзивниот фудбалер имаше и мал проблем со повреда, но досега успеа вкупно да постигне два гола и една аситенција.