Од започнувањето на воените дејствија на руската армија во Украина, Северноатланската алијанса (НАТО) врз себе ја презеде улогата на промовирањето на украинското право на самоодбрана од инвазијата, наметнувајќи остри санкции кон Русија. Сепак, една земја од редовите на НАТО не им се приклучи на санкциите, а нејзиниот лидер во моментов се чини како единствениот кој се обидува да пронајде мировно решение за конфликтот.
Турција е членка на НАТО, Турција на Украина ѝпродава оружје, а во исто време Турција е во одлични економски и политички односи со Руската Федерација. Што тоа ја прави оваа земја толку посебна, да и во ситуација на јасно дефинирана безбедносна политика и во една глобално напната ситуација, успее на површината да ги одржи сопствените интереси? Одговорот веројатно лежи во начинот на кој претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, владее со оваа земја.
Не е тајна дека прекарот на Ердоган е султан и дека на него тоа воопшто не му пречи. Тој живее и управува со земјата од новизградената палата во османлиски стил во Анкара, а последно одржаниот референдум ги зголеми неговите овластувања, па за многумина неговиот актуелен претседателски мандат наликува на владеењето на султаните од минатото.
Но, неговата власт се чини како полека да попушта, а тоа осбено дојде до израз откако на локалните избори, коалицијата што тој ја предводи, ги загуби речиси сите големи градови во Турција. Можеби токму затоа Ердоган ја става надворешната политика на земјата, во избалансирана позиција.
– Ердоган ќе направи сè што му е потребно за да остане на власт – се вели во анализата на добриот познавач на состојбите во Турција, Алан Гингерас, објавена во весникот „Ал монитор“.
Гингерас вели дека на Турција ѝ е потребна економската соработка со Русија и не може да си ги дозволи санкциите, но од друга страна тоа не ја прави автоматски сојузник. Токму оваа позиција, предизвика Анкара да стане посредник во конфликот меѓу Киев и Москва. Минатата недела на Форумот во Анталија се сретнаа министрите за надворешни работи на Русија и на Украина, што беше првата средба на високи претставници на двете земји од избивањето на војната. Во моментов наголемо се шпекулира дека лично Ердоган е посветен на организирање средба меѓу Владимир Путин и Володомир Зеленски, на која ќе се потпише мировниот договор. Треба да се потенцира, дека оваа негова мировна иницијатива, не е во коорелација со сојузниците од НАТО.
Во исто време, Ердоган потврди дека ќе отпатува на Самитот на НАТО, закажан за 24 март во Брисел. Досега неколку пати тој доби остри критики од сојузниците за својата позиција во поглед на војната во Украина, но тоа султанот како воопшто да не го загрижува. Тој објави дека ќе оди во Брисел за да се консултира со своите пријатели.