Трикратниот европски шампион Игор Стефановски-Иџе, вчера во Скопје го претстави возилото со кое ќе се натпреварува во следната 2024 година на Европскиот шампион во ридско-брзински патеки.
Новото возило е „Ферари 488 Челинџ Ево“ (Ferrari 588 Challenge Evo), со осумцилиндричен мотор со зафатнина од 3,9 литри и околу 700 коњски сили.
Овој модел на Ферари чини најмалку 350.000 евра, но спортска верзија може да достигне и двојно повисока цена.
Иџе годинава со 193 поени (категорија 1) се закити со третата титула во Европскиот шампионат на ридски патеки со својот „Хјундаи и30 ТЦР“, а претходните две титули ги освои во 2014 и 2015 година.
Неговиот план за идната сезона е настап на ридски патеки, но со цел да ги сруши сите рекорди во генерален пласман, додека пак настапот на кружни патеки е опција која зависи од буџетот со кој располага тимот.
Македонскиот автомобилист новата сезона ќе ја отвори во Австрија на 26 април 2024 година, а потоа ќе вози во Шпанија, Португалија, Чешка, Германија, Италија, Полска, Швајцарија, Словенија и Хрватска.