Порамнување на минималната плата според новото покачување од Колективниот договор од 2022 година и неисплатен регрес бараат здравствените работници од неколку синдикати и ја користат и денешната пауза за протест. Иако исплатата на задоцнетата јануарска плата од страна на Фондот за здравство натера дел од синдикатите да се повлечат, Синдикатот на Клиничкиот центар во Скопје побара состанок со Владата.
Истовремено, ниските плати прават да продолжи штрајкот и на Синдикатот на вработените во МАНУ, Македонската Академија на Науките и Уметностите. Од Секретаријатот информираа дека повремено ќе се штрајкува пред зградата на оваа институции, а доколку нема слух за прашањето тие ќе излезат со пресконференција каде детално ќе објаснат зошто протестираат.
Штрајкот на МАНУ, инаку прв во 56-годишната историја на Академијата, започна на 9 февруари.