Испраќањето западни тенкови во Украина ќе ја продолжи војната во оваа земја, а доколку Вашингтон и Русија не се договорат, ќе следи Трета светска војна, изјави денеска хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, пренесе Хина.
Украина вчера доби големо засилување на своите копнени сили откако Германија и САД соопштија дека ќе испратат тенкови во Киев.
– Војната ќе продолжи – им рече Милановиќ на новинарите.
– Сите тенкови, и руски и американски, горат на ист начин, а во нив седат луѓе кои или умираат или бегаат – додаде тој.
Милановиќ предвидува дека војната во Украина ќе трае додека „Москва и Вашингтон на некое место не го договорат нејзиниот крај”, што е „страшно, тешко и далечно”, додаде хрватската агенција.
– Во тие разговори нема да бидат прашани „Загреб, Берлин, Париз, Брисел”, а ако тие не се одржат, светот полека ќе се движи кон Третата светска војна – предупреди хрватскиот претседател.
Милановиќ ја критикуваше шефицата на германската дипломатија, Аналена Баербок, која во Советот на Европа рече дека европските земји треба да бидат обединети и да престанат да се обвинуваат меѓусебно бидејќи Европа војува против Русија, а не една против друга.
Милановиќ вели дека досега „не видел вакво лудило” и дека не знаел дека Европа војува со Русија.
– Можеби Германија е во војна со Русија. Со среќа нека им е овој пат, нека заврши подобро од пред 70 години, но ние не сме во војна со никого – рече тој.
– Од неа дознаваме дека сите сме во војна со Русија. Не сме ние, тоа е Америка, ние сме обични пиони – рече Милановиќ.