Хотелот Бизанти на градското шеталиште во градот Саранда во Албанија утрово е дигнат во воздух со експлозив, јави албанската телевизија ТВ Клан.
Во внатрешноста имало подметнат експлозив од типот тротил. Хотелот целосно е урнат. Нема повредени, но има многу преплашени жители на Саранда, кои утрово се разбудиле од силната експлозија, известува ТВ Клан.
Експлозијата е снимена со безбедносни камери. Полицијата истражува, а албанските медиуми шпекулираат дека е можно експлозивот да бил подметнат во рамки на пресметките на двајцата сопственици на хотелот кои се со нарушени односи и се судат околу сопственоста на хотелот Бизанти.
Жителите на околните згради претрпеле штета од експлозијата, има многу искршени излози и стакла од апартманите. Местото на експлозијата е на 50-тина метри од морето, покрај кејот на градското шеталиште во Саранда. Остатоци од демолираниот и урнат хотел се обезбедуваат од полицијата.
Саранда е град во јужна Албанија, на Јонското Море и се наоѓа на 20-тина километри од копнената граница со Грција, односно спроти островот Крф. Ова туристичко место е популарно и посетувано од туристи од Македонија.