Хотелиерите најавуваат затворање на објектите поради високите сметки за струја. Тие велат дека не можат да издржат да купуваат струја на слободен пазар бидејќи таа секојдневно има повисока цена. Неизвесна е судбината и на околу 3.000 вработени, колку што ги има во хотелскиот сектор, ако хотелите се затворат од ноември до напролет или до подобри времиња, како што е најавено.
– Ако државата не помогне и не обезбеди струја која нема да биде по дневните берзански цени најголемиот дел, ако не и сите хотели ќе затворат, бидејќи нивните приходи одамна се далеку под сумата што ја добиваат во сметките за струја. Дополнително треба да обезбедат плата за вработените и пари за репроматеријалите кои ги користат. Сето тоа ја исцрпи нашата финансиска состојба која од 2019 наваму оди во надолна линија секоја година – вели претседателот на Хотелската асоцијација во Стопанската комора Крсто Блажески.
Тој додава дека за да ги одржуваат хотелите во живот ќе мора да ги зголемат цените.
– Ако работиме, за да ги извадиме парите за струја ќе мора да ги зголемиме цените. Дури тогаш ќе се прашаме колку пари е кафето во Охрид. Да земете да вклучите рингла денес за што било, повеќе струја ќе потрошите, отколку за кафето. Со вакви цени не може да се опстане. Не е во интерес на државата да затворат пола хотели. Ако може помалите фирми да бидат субвенционирани со 13 денари по киловатчас, тогаш не гледам зошто во хотелиерството кое крвавеше последните три години не може да се даде нешто такво – вели тој.
И хотелиерите многу очекуваат од најавениот договор за струјата со Бугарија.
– Чекаме да видиме што ќе се случи. Очекуваме дел од таа струја да им се додели и на хотелите, но не прифаќаме цена која ќе биде повисока од 300 евра бидејќи таа е нашата граница која може да ја поднесеме – вели Блажески.
Тој потсетува дека при затворањето на хотелите ќе страдаат и вработените кои со години ги чуваат и покрај тоа што не беа ангажирани во текот на пандемските години.
– Некако успевавме работниците да ги задржиме во изминатите пандемски години, но дали ќе може да го направиме тоа и сега, не може да се каже. Можеби ќе мора да отпуштаме вработени или да ги испраќаме на принуден одмор во месеците кога ќе одлучиме да ги затвориме објектите. Тоа не го сакаме и затоа очекуваме владата да подготви мерки со кои ќе ни помогне да опстанеме – вели претседателот на ХОТАМ.
Ако се оствари најавата дека дел од хотелите ќе затворат во периодот од ноември до напролет, можно е да изгубат уште една зимска сезона.
Пресметките на хотелиерите се дека аранжманите следната година со сегашните цени на струјата би требало да се зголемат за 50 отсто, а прашање е дали ќе имаат гости.