ЕУ не е таа која ја тера Македонија да чека, туку Македонија „нè прави нас да чекаме предолго“ за „реформите кои можеа да бидат спроведени уште пред неколку години“, смета холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп. Тој во интервју за Радио Слободна Европа уверува дека нема да има ново вето од Софија кон Скопје откако ќе бидат донесени уставните измени со што ќе отпочнат преговорите со Унијата.
Коп е зачуден зошто Путин останува најпопуларен политичар во Македонија и покрај големата помош од ЕУ за земјата во времето на пандемијата со ковид. Тој потсети на средствата доделени за Македонија за справување со инфлацијата и со енергетската криза.
– Интересно прашање, зошто? И јас мислам дека тоа е така зошто колку повеќе ја „обојувате“ ЕУ во црно, толку повеќе популарноста на личности како Путин ќе расте. Што всушност се случува тука? Мислам дека сите политичари тука, политичкото лидерство поддржани од некои медиуми и голем дел од невладиниот сектор, ја обвинуваат ЕУ за сè – вели амбасадорот.