Изговори наместо реформи. Европската Унија чека на Македонија, а не обратно. Ова е најновата порака којашто ја испрати холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп, на Втората регионална експертска конференција за Кластер 1 „Основни вредности“ во рамки на проектот „Правдата нека владее со регионот“.
Тој побара од власта да одговори „каде се милијардите дадени за реформи од странските поддржувачи?“.
Ова Коп го нагласи во контекст на тоа дека земјава не треба да ја бара одговорноста во ЕУ што сѐ уште не е членка на Унијата, туку дека треба да тргне од себе за да може да ги исполни критериумите што се бараат.
– Сепак сите други земји во период од 10 до 15 години успеаја да ги направат потребните реформи и да станат членки на ЕУ. Што правите вие, освен што натрупувате изговори за исполнување на барањата за членство? Зошто вие не ги завршивте своите реформи пред 15 години како и овие други земји? Слушам како велите дека Европската Унија е виновна дека членството е заедничка одговорност и дека ние премногу ве оставаме да чекате. Вистината е дека членството е ваша одговорност и вие нас нѐ оставате да ве чекаме премногу. Сѐ е заглавено поради недостатокот на имплементација, корупцијата и непотизмот. По децении огромна поддршка, каде отидоа парите на нашите даночни обврзници? После сите овие години има стратегија за сѐ, има по два акциски планови за сѐ, сечија свест е веќе трипати зголемена и сите се веќе обучени четирикратно. Со едноставни зборови, нема вистинска политичка волја за промена не само во политиката, туку и во верските заедници коишто блокираат промена и ја блокираат Истанбулската Конвенција – рече Коп.
Амбасадорот нагласи дека Холандија беше и ќе продолжи и понатаму да биде партнер за регионот на нивниот пат кон ЕУ.
Коп потенцира дека „ситуацијата во правосудниот сектор не остави без друга опција освен да ја евалуираме нашата поддршка која што ја даваме“.
Вицепремиерката за добро владење, Славица Грковска, порача дека покрај објективни има и тенденциозни кризи кои намерно ја одвраќаат земјава од европскиот пат.