Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов информира дека во тек е спасувачка мисија на Галичица на паднат параглајдерист од Холандија, се вклучуваат „Тигрите“ со хеликоптер.
Според информациите, параглајдеристот паднал на пристапен терен во месноста „Лако Сигној“ на планината Галичица и најверојатно е повреден.
– Предмалку добивме информација за пад на државјанин на Холандија кој со летал со параглајдер над Галичица. Сѐ уште не ја знаеме причината за падот, сега се прават напори екипите да дојдат до него, да го мобилизираат, бидејќи најверојатно се работи за повреда на грбот, а потоа да биде пренесен во болница – изјави Ангелов.
Како што објасни првиот човек на ЦУК во јавувањето во дневникот на Сител, поради непристапноста на теренот, би требало наскоро во спасувачката акција да биде вклучена специјалната единица „Тигри“ кои се хеликоптер ќе треба да го земат повредениот турист.
„Полициски службеници од Хеликоптерската единица за полициски намени, Алпинистичкиот тим и животоспасувачите од Одделот за специјални полициски операции, заедно со граничната полиција од РЦ Запад попладнево се упатени на планината Галичица. Тие се подготвени за уште една спасувачка акција, откако денеска (02.08.2023) во попладневните часови беше пријавено дека холандски државјанин се здобил со тешки телесни повреди при спуштање со параглајдер на падините на Галичица од македонската страна на планината“, информираат од МВР.
Од МВР потврдуваат дека во тек е спасувачка акција од страна на нивни припадници, а повеќе инфо по завршување на активностите.