Хирурзите во Њујорк велат дека ја направиле првата целосна трансплантација на око во светот, иако не веруваат дека нивниот пациент ќе го врати видот. Арон Џејмс, кој доживеа незгода со струја од висок напон, беше подложен на операција која траеше 21 час за да му се замени половина од лицето.
Хирурзите, да потсетиме, со години успешно ја пресадуваат рожницата. Експертите го нарекоа ова откритие клучен момент во потрагата за враќање на видот на милиони луѓе. Џејмс, работник на високонапонска мрежа од американската сојузна држава Арканзас, изгубил поголем дел од лицето кога случајно допрел жица од 7 200 волти под напон во 2021 година.
Во трансплантацијата на половина од лицето учествувале повеќе од 140 здравствени работници
На 27 мај оваа година, тој беше подложен на ретка делумна трансплантација на лице заедно со трансплантација на око – во која учествуваа повеќе од 140 здравствени работници. Хирурзите кои ја извршија комплицираната операција вчера изјавија дека Џејмс (46) добро закрепнува од двојната трансплантација и дека донираното око изгледа неверојатно здраво. Неговото десно око сè уште работи.
– Самиот факт дека ја постигнавме првата успешна трансплантација на цело око со лице е огромен потфат за кој многумина мислеа дека не е возможен долго време. Направивме голем чекор напред и ја изградивме основата за следното поглавје за враќање на видот – рече д-р Едуардо Родригез, еден од водечките хирурзи во тимот.
Лекарите велат дека операцијата на Џејмс им нуди на научниците невиден увид во тоа како човечкото око се обидува да се излечи.
– Не тврдиме дека го враќаме видот. Но, нема сомнеж дека сме чекор поблиску – рече д-р Родригез за Еј-би-си њуз.
Лекарите рекоа дека има директен проток на крв во мрежницата – делот од окото што испраќа слики до мозокот. Иако нема сигурност дека Џејмс ќе го врати видот на новото око, ниту лекарите не ја исклучуваат таа можност.
– Би било одлично ако можам да гледам со новото око. Но, ако тоа само го поттикне развојот на тоа поле на медицината, тогаш јас давам целосна поддршка – рече Џејмс во интервјуто.
Лекарите ќе продолжат да го следат Џејмс, инаку воен ветеран, но напредокот што го забележаа со новото око е „извонреден“, вели Брус Е. Гелб, доктор на науки, хирург за трансплантација на Универзитетот во Њујорк.
Донираното лице и око се од машки донатор во неговите 30-ти години. За време на операцијата, лекарите инјектирале возрасни матични клетки од коскената срцевина на донаторот во оптичкиот нерв за да го стимулираат неговото закрепнување.
Џејмс е само 19-тиот човек во САД на кој му е извршена трансплантација на лице. Неговата сопруга Меган Џејмс, со која е во брак 20 години, изјави за Си-ен-ен дека тоа што го виделе по операцијата „било лудо, одлично, чудно, необично, среќно чувство“.
– Бев среќна што успеа и се беше добро – додаде таа.
По несреќата, Џејмс морал да го отстрани левото око поради болки и бил подложен на бројни операции, меѓу кои и на протетска рака.
Тој ја нарече трансплантацијата на око „процедура која му го промени животот“ и додаде дека е „неописливо благодарен“ на донаторот и на нивното семејство што ја овозможиле операцијата.
– Изгледам како нормален човек кој оди по улица – изјави тој за Ен-би-си њуз.