Зад ова што се случува во Србија стои Британската разузнавачка служба, тврди претседателот на Република Српска, Милорад Додик.
Според Додик, многу е јасно дека двете невидени трагедии во Србија, во белградското основно училиште„Владислав Рибникар“ и во Младеновац, во кои жртви се деца и млади, се злоупотребуваат и се користат за елиминација на претседателот Александар Вучиќ и на неговата власт.
– На протестите во Србија јасно се наведува која е нивната цел, а тоа е да се искористат трагедиите и масовните убиства на млади луѓе, со што Александар Вучиќ ќе биде сменет од власт преку улични протести – изјави Додик за агенцијата Срна.
Тој е убеден дека зад настаните во Србија како и претходно во Република Српска, се исти ментори – припадници на британската разузнавачка служба.
Според Додик, настаните во Србија се слични на она низ што поминала Република Српска во блиското минато, кога сè уште нерасчистената смрт на момчето Давид Драгичевиќ од Бања Лука „долг период била злоупотребувана за справување со властите во РС“.
– Низ нешто слично поминавме и со групата „Правда за Давид“, која беше поддржана од опозицијата во Република Српска и британската разузнавачка служба. Таа служба очигледно е вклучена во овие немили настани од последните денови во Србија, кои произведуваат дезинформации и страв и создаваат општествен амбиент во кој преовладува екстремистичкото однесување против актуелната власт – изјави Додик.
Тој додаде дека „убеден е дека инспиратори и продуценти на овој хаос во Србија се Британците, односно нивните тајни служби со нивните соработници од Србија“.
Додик истакна дека преку „монструозните акции на странските служби“ на овие простори, се обидуваат одговорноста за трагичните настани во училиштето „Владислав Рибникар“ и во Младеновац да ја префрлат на Вучиќ.
– Затоа сум убеден дека менторите се исти, сценариото е исто и целта е иста – рушење на власта и дестабилизација на Србија. Ниеден невин живот и ниедна трагедија не може и не смее да се злоупотребува и да се користи како платформа за политичко пресметување со никого – рече тој.
Додик оцени и дека „тие грозоморни злоупотреби и трагедии нема да престанат додека не се уништи надворешно разузнавачкиот епицентар во Белград“.