Евгениј Пригожин, шефот на руската платеничка група „Вагнер“, во петокот ја обвини руската војска за „уништување“ на неговите борци и вети дека ќе се одмазди на рускиот врв, откако руската разузнавачка служба ФСБ отвори кривична постапка против него за повикување на вооружен бунт.
Руската разузнавачка служба ФСБ отвори кривична постапка против Пригожин поради повикување на вооружен бунт, објави во петокот руската новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на националниот комитет за борба против тероризмот.
Силите на Вагнер во Ростов
Последните фотографии на агенциите покажуваат дека платениците на групата Вагнер се распоредени на улиците на Ростов, Русија.
Пригожин: Соборивме руски воен хеликоптер
Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, кој е во одмаздничка треска против руската војска, во саботата во нова аудио порака на Телеграм објави дека неговите сили собориле руски воен хеликоптер.
„Кога хеликоптерот отвори оган врз колона цивили, беше соборен од единиците на Вагнер“, рече Пригожин во аудио пораката, но не откри каде наводно се случило. АФП не можеше да го потврди тврдењето на Пригожин.
Гувернерот на руската област Ростов, која граничи со Украина на исток, ги повика жителите да останат во своите домови, објави Би-Би-Си во саботата, откако Пригожин рече дека со своите борци преминал од Украина во Русија.
Сегашната ситуација бара максимална концентрација на сите сили за одржување на редот“, напиша Василиј Голубев на Телеграм.
Ги молам сите да останете смирени и да не ги напуштате своите домови непотребно“, рече Голубев. Во градот Ростов на Дон веќе се распоредени воени возила.