Хамас понудил да ослободи некои од заложниците во замена за итен прекин на огнот за време на разговорите за ослободување на многу од околу 203 заложници кои се држат во Газа, јави Би-Би-Си. Израел досега не се согласил на оваа понуда од палестинската милитантна група.
Според британскиот медиуми, Хамас не ги држи сите заложници. Некои се задржани од други вооружени милитантни групи.
Не е познат точниот број на заложници кои ги држи Хамас.
Според податоците од Израелските одбранбени сили (ИДФ), повеќе од 20 заложници се на возраст под 18 години, додека 10 до 20 од нив се постари од 60 години.
ИДФ соопшти дека бројот на исчезнати е меѓу 100 и 200, додека портпаролот на военото крило на Хамас, Бригадите Ал Касам, во видео изјава во понеделникот рече дека бројот на заложниците е меѓу 200 и 250.
Портпаролот Абу Обаид рече дека бригадите Ал-Касам држат околу 200 заложници, додека останатите ги држат други милитантни групи во Газа.
Тоа што сѐ уште се заробени во Газа, ја компликува ситуацијата за израелските команданти кои планираат упад на територијата. Очигледно, заложниците имаат многу поголеми шанси да излезат живи ако тоа може да се направи со преговори, коментира Би-Би-Си.