Хамас го предупреди Израел дека инсистирањето на ослободување на заложниците преку воен притисок ќе резултира со нивно враќање кај семејствата во ковчези.
– Издадени се нови инструкции до борците задолжени за чување на затворениците како да постапуваат со нив доколку израелската војска се приближи до местото на затворот – изјави портпаролот на бригадите Ал-Касам, военото крило на Хамас, Абу Обеида.
Обеида оцени дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и самата израелска војска „се целосно одговорни за смртта на заложниците откако намерно го попречија секој договор за размена на затвореници поради свои тесни интереси, со намерно убивање десетици од нив преку директно воздушно бомбардирање, пренесе кинеската новинска агенција Синхуа.
Изјавата следува по извлекувањето на телата на две жени и четворица мажи од Газа. Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека биле убиени во тунел на Хамас кусо пред да пристигнат војниците.
Стотици илјади Израелци се собраа во неделата низ цел Израел, барајќи од Нетанјаху да преговара за прекин на огнот со Хамас за да се осигура враќањето на заложниците кои се задржани во Газа.
Исто така, вчера беше организиран генерален штрајк во Израел со барање за договор за враќање на киднапираните.
Инаку, израелските безбедносни сили (ИДФ) денеска соопштија дека во неодамнешниот воздушен напад врз Појасот Газа убиен е командант на Хамас, кој го предводеше нападот врз Нетив Хасара на 7 октомври минатата година.
Ахмед Фавзи Насер Мухамед Вадија е помеѓу осумте терористи на Хамас убиени во воздушен напад врз комплекс што го користеше терористичката група во близина на болницата Ал Ахли во градот Газа.
ИДФ наведе дека Вадија бил командант на четата Нукба која упадна во Нетив Хаасар со параглајдер.
Другите седум терористи убиени во нападот врз градот Газа исто така биле членови на баталјонот Дарај-Туфа. ИДФ тврди дека еден од нив бил вклучен во снабдувањето со бомби што ги користела терористичката група за да ја пробие безбедносната бариера во Газа на 7 октомври.