Палестинското исламистичко движење Хамас денеска соопшти дека еден од нивните воени команданти е убиен во израелски напад во центарот на Појасот Газа, на единаесеттиот ден од војната во која животот го загубија илјадници луѓе од двете страни.
Ајман Нофал, командантот на бригадите Ал Касим, вооруженото крило на Хамас, е убиен во „варварски ционистички“ напад врз бегалскиот камп Буреиџ, се наведува во краткото соопштение.
Израелската армија се уште не ги коментира овие наводи.
Во текот на ноќта израелската армија тврдеше дека е убиен припадникот на Хамас, Осама Мазини, што Хамас не го коментираше.
Новата војна започна на 7 октомври кога командосите на Хамас извршија невиден напад на израелска територија од Појасот Газа под нивна контрола.
Оттогаш повеќе од 1.400 луѓе загинаа во Израел, главно цивили, а во израелските одмазднички напади загинаа најмалку 2.750 луѓе во Појасот Газа, главно палестински цивили, меѓу кои и стотици деца, според локалните власти.