Седумдесет луѓе загинаа, а 200 се повредени во израелските воздушни напади врз цивили додека бегаа кон јужниот дел на Газа, соопшти Хамас.
– Повеќето од загинатите се деца и жени, изјави портпаролот на исламистичката организација, додавајќи дека три конвои бегалци биле погодени во „масакр“.
Израелските одбранбени сили (ИДФ) претходно ги повикаа жителите на градот Газа да ги напуштат своите домови и да се преселат на југ до 20 часот.
Обединетите нации го повикаа Израел да ја укине наредбата за евакуација, предупредувајќи дека присилното движење на стотици илјади луѓе од палестинската територија може да предизвика „хуманитарна катастрофа“.
Висок функционер на Хамас денеска изјави дека сегашната ситуација во Газа претставува „екстремно дрзок и брутален обид за насилно отстранување на палестинскиот народ од неговата земја“.
Изат ал Ришек, член на политичката канцеларија на Хамас, истакна дека Израел ја бомбардирал Газа со шест илјади бомби во изминатата недела, бројка што ја објавија и израелските воздухопловни сили.
– Хамас го отфрла повикот на Израел „уште еднаш да бидеме протерани од нашите домови“ и „ќе се спротивстави на обидот на Израел за етничко чистење на Газа“ – додаде Ал Ришек.
Висок функционер на Хамас ги нарече акциите на Израел во Газа „нехумани“ и „варварски“ и рече дека тие ги прекршуваат „сите закони и договори во кои тврдат дека веруваат таканаречените слободни и демократски земји“.
– Хамас нема да се откаже од својата легитимна борба за слобода и самоопределување. Или ќе живееме исправено или ќе умреме борејќи се – рече Ал Ришек.
Хамас, класифициран како терористичка организација од САД, ЕУ и Израел, со своите напади во пограничната област му ја нанесе најголемата масовна загуба на цивилни животи на Израел од неговото постоење.