Германскиот министер за економија во средата се пожали на „астрономските“ цени што ги бараат германските „пријателски“ земји, првенствено САД, за испорака на гас, наместо за испораки од Русија.
– Некои земји, дури и пријателски, бараат астрономски цени – рече Роберт Хабек во интервју за провинцискиот дневен весник „Ноје оснабрикер цајтунг“ во средата.
– Ова е проблем – рече министерот и ја повика Европската комисија да „разговара“ со овие земји.
По инвазијата на Украина, Русија прво значително го намали снабдувањето со гас за Германија, а на почетокот на септември го прекина. Пред конфликтот, Германија увезуваше 55 отсто од гасот од Русија.
За да ја гарантира својата енергетска сигурност и да ја спаси индустријата, која е голем потрошувач на гас, Берлин мораше да ги диверзифицира своите извори на снабдување и значително да го зголеми купувањето на течен природен гас (LNG), кој е многу поевтин за увоз.
Земјата – како и целиот континент – се сврте кон САД, а европскиот увоз на ЛНГ скокна од 28 на 45 проценти помеѓу 2021 и 2022 година.
Хабек конкретно ги таргетираше американските добавувачи.
– САД се свртеа кон нас кога експлодираше цената на нафтата (…) Мислам дека таквата солидарност ќе биде корисна за амортизација на цената на гасот – рече министерот.
Истовремено, Берлин ја повикува Европската унија да го координира купувањето на гас за да се намали цената.