Манчестер сити синоќа на свој терен го победи Реал Мадрид со 4:0 во реванш полуфиналниот натпревар од Лигата на шампионите.
Резултатот го отвори играчот од средниот ред Бернардо Силва во 23. минута. Во 37. минута Португалецот постигна втор гол.
Во вториот дел, во 73. минута, дефанзивецот на Реал Мадрид, Едер Милитао си постигна автогол. Во 90+1. минута точка на мечот стави Џулијан Алварез уфрлајќи.
Така, Манчестер сити стигна до финалето на Лигата на шампионите, каде ќе игра со Интер, кој претходно го победи Милан со вкупни 3:0.
Тренерот на Манчестер сити, Хосеп Гвардиола ја забележа својата 100. победа во Лигата на шампионите.
Повеќе победи од Гвардиола во Лигата на шампионите имаат само Алекс Фергусон (102) и актуелниот тренер на Реал Мадрид, Карло Анчелоти (107).
Воедно, Гвардиола по четврти пат се пласира во финалето на Лигата на шампионите во неговата тренерска кариера. Шпанецот двапати ја предводеше Барселона (2009 и 2011 година) и Манчестер Сити (2021 и 2023 година) до завршниот натпревар во елитното фудбалско натпреварување.
Гвардиола досега има два трофеи во ЛШ, двата му се со Барселона.
Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти ја призна супериорноста на Манчестер сити над Реал Мадрид во синоќешниот реванш.
– Противникот одигра подобро и заслужи да победи. Тој ни направи голем притисок на почетокот на натпреварот и тоа функционираше. Ни беше тешко да започнеме напади. Успеаја да поведат, а после тоа ни беше тешко да се вратиме во игра. Се обидовме во вториот дел, но не ни одеше. Боли да губиш така, боли многу, но тоа се случува. Стигнувате до полуфиналето на Лигата на шампионите, се среќавате со силен противник, му отстапувате место во играта и останувате без финале. Во ред е, треба да ја научиме лекцијата и да се претставиме подобро во следното издание. Му честитав на Гвардиола по натпреварот бидејќи неговиот тим беше подобар. Минатата година успеавме да победиме, оваа година на ред беа они. Вака функционира фудбалот, понекогаш губиш – изјави Анчелоти.
Во финалето се игра на 10 јуни во Истанбул.