Обединетите нации упатија апел за 397 милиони долари за помош на жртвите од земјотресот во Сирија, каде се загинати илјадници луѓе, а на милиони други им треба итна помош.
– Денеска објавувам дека ОН упатија хуманитарен апел за 397 милиони долари за населението погодено од земјотресот во Сирија. Тоа ќе биде доволно за три месеци, рече генералниот секретар на ОН – Антонио Гутереш.
Тој ги повика сите земји-членки на ОН „целосно и без одлагање да го финансираат“ повикот за помош за гарантирање на хуманитарната помош која, како што наведе, „очајнички им е потребна на речиси пет милиони Сиријци“ и која вклучува засолништа, медицинска нега и храна.
– Потребите се огромни и сите знаеме дека спасувачката помош не доаѓа со потребната брзина или обем – рече генералниот секретар на ОН.
Тој истакна дека една недела по разорните земјотреси, милиони луѓе ширум регионот се борат да преживеат, без покрив над главата и се соочуваат со ниски температури.