Претставници на Обединетите нации (ОН) денеска ја опишаа ситуацијата во Газа како „ужасна и апокалиптична“, предупредувајќи дека условите со кои се соочуваат Палестинците во енклавата би можеле да се сметаат за „најтешки меѓународни злосторства“.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, преку неговата заменичка Амина Мохамед, на конференцијата во Каиро за забрзување на доставувањето хуманитарна помош во Појасот Газа, повика меѓународната заедница да постави темели за траен мир во Газа и целиот Блиски Исток.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, во речиси 14 месеци војна помеѓу Израел и палестинската група Хамас, загинаа над 44.000 луѓе.
– Потхранетоста е ендемична… Гладот е неизбежен. Во меѓувреме, здравствениот систем е во колапс – изјави Гутереш.
Тој додаде дека Газа сега има „најголем број деца со ампутации по глава на жител во светот, по операции кои понекогаш се изведуваат без анестезија“.