Масовни протести избија во главниот град на Грузија откако владата предводена од партијата „Грузиски сон“ реши да ги прекине преговорите со ЕУ на четири години, поради наводна уцена од Брисел. Во немирите беа уапсени 43 лица и беа повредени 32 полицајци, информираше грузиската полиција.
Според премиерот Иракли Кобахиѕе, преговорите се прекинати поради „уцени и манипулации од страна на одредени европски политичари и бирократи“.
Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, ја обвини Владата дека со повлекување од преговорите со ЕУ „му објавила војна на сопствениот народ“. Иако Зурабишвили поддржува членство во ЕУ, нејзината функција е претежно церемонијална.
Претставникот на Европската Унија во Грузија Павел Херчински изјави дека одлуката на Тбилиси да ги запре преговорите за приближувањето кон ЕУ до 2028 година не ја претставува волјата на мнозинството граѓани.
Околу 80 отсто од граѓаните на Грузија ја поддржуваат интеграцијата во ЕУ, што е и уставно загарантирана цел на земјата.