Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ и на Советот за соработка на арапските земји во Персискиот Залив презентираше план од пет точки за справување со кризата на Блискиот Исток, пренесува националната грчка телевизија ЕРТ.
– Ова е напад (на Хамас против Израел) што ги прекршува сите правила на меѓународното право и бара итна и активна интервенција на меѓународниот правен поредок, рече Герапетритис во изјавата по настанот.
Министерот посочи дека лично се сретнал со претставници на сите земји од Персискиот Залив и одржал долги телефонски разговори со министрите за надворешни работи на Египет и Јордан.
Според него, Грција предложила план од пет точки за „намалување на тензиите и прекинување на магичниот круг на насилство“.
– Повикавме на итен прекин на непријателствата, особено против цивилното население, за итно враќање на сите киднапирани и заложници, за итно отворање на хуманитарните канали за да се осигури дека сите имаат пристап до здравствените услуги и за едногласна осуда на сите форми на тероризам од страна на Европската Унија и земјите од Персискиот Залив – објасни шефот на грчката дипломатија.
Тој изјави дека, според него, „дојде време за меѓународно разбирање, за меѓународен форум да се дојде до сржта на проблемите, да се осуди тероризмот, за да немаме такви појави во иднина“.
Во меѓувреме египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси изјави дека ескалацијата на ситуацијата меѓу Израел и Палестинците е многу опасна и може да влијае на безбедноста и стабилноста на целиот регион на Блискиот Исток.
– Египет се надева на решение што ќе доведе до мир и создавање на палестинска држава – рече Ал Сиси.
Тој додаде дека прави сè за што поскоро да се воспостави примирје што ќе ги поштеди цивилите од двете страни.
Ал Сиси нагласи дека националната безбедност на Египет е негов врвен приоритет и дека нема да го игнорира ова прашање под никакви околности.