Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска ја нема добиено претставката од Антикорупциската комисија за вицепремиерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби кој службените простории ги користеше за партиски цели.
Грковска денеска најави дека штом ја добие претставката, по неа ќе биде постапено како и со сите претставки досега, врз основа на аргументи.
– И досега сме постапувале непристрасно, без оглед на тоа за кого станува збор – рече Грковска.
Според неа, има промена во начинот на однесување кај некои функционери и во зголемувањето на свесноста за разлика од порано. Таа смета дека со мерките што се преземаат ќе се дојде до момент кога некој ќе понесе одговорност за несовесно работење.
– Има промена во начинот на однесување кај некои функционери, во зголемување на свесноста, меѓутоа тоа е прашање на време, не се случува преку ноќ. Јас сум сигурна дека со ваквите мерки ќе дојдеме до оној момент кога ќе посведочиме некој да понесе одговорност за несовесното однесување – рече Грковска.
Таа не се согласува со констатацијата дека заложбите се само декларативни затоа што, како што вели, мерките што ги овозможува Етичкиот кодекс се конкретни.
– Меѓутоа, тоа не е закон, нема можност за прекршочни одредби. Станува збор за етички мерки само што ние како општество сѐ уште, за жал, не сме до дојдени до тој степен етичките мерки и Етичкиот кодекс да бидат со таа сила да влијаат многу повеќе отколку прекршочните одредби. Ние сме сѐ уште до тој степен дека е полесно да се плати казната отколку да се внимава на тоа како да се однесуваме – оцени вицепремиерката за политики за добро владеење.