Грчкaта НБА-ѕвезда, Јанис Адетокумбо беше вознемирен што сезоната на неговиот Милвоки беше оценета како неуспешна, а одговорите од прес-конференцијата по дебаклот ја обиколија планетата со брзина на светлината. Многумина се воодушевени од неговото резонирање, особено кај оние кои што се занимаваат со спорт, а меѓу оние на кои им се допадна мислењето на Гркот е и најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ, легендарниот НБА играч Шекил О`Нил и многу други.
Најдобриот играч на Милвоки Бакс, Јанис Адетокумбо одигра фантастичен натпревар, постигна 38 поени и имаше 20 скока. Сепак, разочарувањето беше големо, а го налути и новинарското прашање по натпреварот.
„Дали мислите дека оваа сезона беше неуспешна? го прашал Јанис еден од претставниците на медиумите. Еве што одговори Гркот:
– О Боже. Ми го постави истото прашање минатата година, Ерик (новинар). Дали секоја година добивате унапредување на вашето работно место? Не, нели? Значи, дали секоја година на работа е катастрофа за вас? Секоја година работите на остварување на целта, а тоа е унапредување и грижа за семејството. Тоа не е неуспех, туку чекори кон успехот“, рече Јанис.
Го спомна и Мајкл Џордан.
„Мајкл Џордан играше 15 години и освои шест титули. Дали другите девет години беа катастрофа? Дали ми го кажуваш тоа? Точно, па зошто ми го поставуваш тоа прашање? Тоа е погрешно прашање. Нема неуспех во спортот. Има добри и лоши денови, некои денови можеш да бидеш успешен, други не. Некои денови ти е редот, други не. Тоа е суштината на спортот, не е секогаш до победа. Оваа година некој друг ќе победи, така е. Педесет години од 1971 до 2021 година не ја освоивме титулата, па дали тие 50 години беа неуспешни? Не, не е. Тоа беа чекорите до успехот. Успеавме да победиме еднаш, се надевам дека ќе победиме уште еднаш. Жал ми е, не сакам да звучи лично“, заклучи Адетокумбо.