Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп сака да ја заживее идејата да го откупи Гренланд од Данска, нешто што Данска го отфрли во 2019 година како „апсурден предлог“, пишува „Њузвик“. Трамп во неделата на неговата социјална мрежа „Вистина“ напиша:
„За целите на националната безбедност и слободата низ целиот свет, Соединетите Американски Држави чувствуваат дека сопственоста и контролата на Гренланд се апсолутна неопходност“.
Трамп ја изнесе идејата во објава во која најави дека за амбасадор во Данска ќе го именува Кен Хауери, коосновач на познатиот гигант Пеј Пал. Хауери на Икс напиша дека со задоволство ќе ја спроведува агендата на Трамп.
Данска уште не одговори на зборовите на Трамп.
Новоизбраниот американски претседател би сакал да го откупи најголемиот неконтинентален остров во светот кој се наоѓа помеѓу Арктичкиот и Атлантскиот Океан. Гренланд е автономна територија на Данска.
„Волстрит журнал“ во 2019 година објави дека Трамп размислувал да се обиде да го стекне Гренланд поради неговите природни ресурси и да му даде „наследство слично на приемот на Алјаска во САД како држава од страна на претседателот Двајт Ајзенхауер“.
Во 1946 година претседателот Хари Труман понуди да го купи Гренланд од Данска за 100 милиони долари во злато.
Во 1970-тите, потпретседателот Нелсон Рокфелер, исто така, разговараше за купување на Гренланд поради минералните ресурси, објави „Вашингтон пост“.
Трамп во 2019 година ја изрази намерата да го откупи островот, но откако предлогот го отфрли тогашнaта данска премиерка Мете Фредериксен Трамп ја откажа планираната државна посета на Данска.
Трамп исто така се закани дека ќе побара враќање на контролата врз Панамскиот канал доколу Панама не ги намали царините за американските бродови.
Претседателот на Панама, Хозе Раул Мулино му одговори дека „секој квадратен метар од Панамскиот канал и неговите соседни зони е дел од Панама и ќе продолжи да биде“.