Претседателот на Италијанската фудбалска федерација Габриеле Гравина отфрли каква и да е можност актуелниот европски првак да настапи на Светското првенство, чиј домаќин во ноември и декември ќе биде Катар.
Италија својата шанса да се квалификува на Мундијалот ја пропушти со поразот од Македонија во полуфиналниот бараж во Палермо.
Голем број од италијанските медиуми изминатите денови објавуваа дека постои можност Еквадор да биде исфрлен од Мундијалот и тоа испразнето место ФИФА да го пополни со Италија.
Првиот човек на италијанскиот фудбал таквите информации, сепак, категорично ги демантираше.
– Шансите за настап на Италија на Светското првенство се нула отсто и тоа мора на сите да им биде јасно. Европа има свои тринаесет места и сите тринаесет се пополнети. Доколку Еквадор биде дисквалификуван неговото место ќе го заземе друга репрезентација од Јужна Америка. Такви упатства добив од ФИФА – изјави Гравина.