More

    Граѓаните кои се греат на парно се во неизвесност

    spot_img

    Граѓаните кои се греат на парно се во неизвесност. Тие не знаат дали и за колку ќе поскапи нивното греење во претстојната сезона.  Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) не ја објави новата цена во планираниот рок на крајот на јули и објасни дека ќе ѝ треба подолг период да ги разгледа документите на компаниите кои бараат зголемување на цената за повеќе од 50%.

    Експертите велат дека економските пресметки говорат дека поскапување на парното мора да има, но за колкав процент  ќе зависи од тоа колку државата е подготвена да покрие дел од зголемените трошоците на компаниите.

    Барања за зголемување на цената на парното до РКЕ доставиле сите компании. ЕСМ дистрибуција и снабдување бараат зголемување од повеќе од 50%, додека пак ЕСМ производство намалување од 29%. Пресметки доставиле и ЕСМ Енергетика и Скопје Север.

    Регулаторите пред голем предизвик

    Првиот човек на РКЕ, Марко Бислимовски, неодамна изјави дека регулаторите не сакаат да донесат одлука за цената на парното која би предизвикала ценовен шок.

    – Компаниите треба да разберат дека РКЕ ќе носи одлуки коишто ќе бидат во интерес и на фирмите и на граѓаните. Потрошувачите можат да платат до одредено ниво. Ако цената би се зголемила драматично, ќе се повтори 2009 година, ќе има исклучување и тогаш знаеме што се случи 0 голем број трафостаници се запалија, затоа што се проектирани да се греат луѓето на парно, а не на струја. Во вакви кризни времиња не ни треба таков луксуз – изјави Бислимовски.

    Годинава Регулаторната комисија за енергетика ќе определи само една цена на парното, не како во изминатиот период, кога зависно од снабдувачот определуваше три цени на парното.

    Бислимовски соопшти дека 12 милиони евра му се потребни на ЕСМ да ги врати позајмиците од државата дадени во текот на минатата грејна сезона, што заедно со цената на гасот ќе влијае на новата цена на парното.

    Граѓаните се гневни – пак ли ќе одлучуваат во пет до дванаесет?

    Граѓаните се револтирани, бидејќи навреме не се информирани колкав дел од буџетот ќе треба да издвојуваат за греењето и очекуваат барем во септември да ја знаат новата цена на парното.

    – Регулаторната комисија се однесува неодговорно кон нас кои треба да планираме колку ќе треба да издвоиме за парно од октомври и целата следна година, до донесувањето на новата цена. Овде нешто не е добро. Како може да бидат толку сложени пресметките, за да не можат регулаторите, на кои им плаќаме високи плати, да пресметаат која ќе биде цената на парното? Мислам дека се чека владата да даде цена, па овие само да ја обзнанат. Ние ќе чекаме само честитка пред почеток на сезоната и во последен момент да одлучуваме дали ќе останеме да се грееме на парно. Така е кога молчиме и чекаме да не стрижат како што сакаат – вели Марко А. од Скопје.

    Експертите велат дека граѓаните треба да очекуваат повисока цена од октомври.

    – Нема теорија енергијата да поевтини. Цената на електричната енергија моментално се движи околу 100 евра за киловатчас, а цената на гасот вообичаено оди половина од оваа цена. Колкава ќе биде цената на гасот во грејната сезона не може да се каже, но со оглед дека увозот од САД е по висока цена, скандинавските извори на гас се ограничени, а оној што се увезува од Африка може да поскапи, ако земјите кои извезуваат одлучат да го наплаќаат и транспортот. Значи, економските пресметки говорат дека цената на парното мора да се зголеми. Може да се очекува државата да покрие дел од трошоците на компаниите за да ги заштити граѓаните, што е добро, но секако парното ќе поскапи, бидејќи не се знае до кога државата ќе може да ги покрива овие разлики и да ги финансира енергетските компании -вели професорот Константин Димитров.

    Компаниите се превработени, менаџирањето лошо

    Тој додава дека е логично цената на парното да се зголеми и како резултат на инфлацијата, но и на превработеноста во компаниите за производство и дистрибуција на топлинска енергија.

    – Ако не според другите параметри, парното ќе поскапи со процентот на инфлацијата. Дополнително, факт е дека компаниите од овој сектор се превработени. Во ЕСМ се префрлени вработените од БЕГ за да може да се реализира новата задача за производство и диструбуција на топлина, но на ова се додадени уште кадри кои раководат со оние кои се потребни за извршување на дејноста. Имам податок дека најмалку 15 нови раководители кои не ја знаат дејноста се вработени во овој период. Тие треба да земаат плати. Значи, граѓаните треба да бидат подготвени дека ќе плаќаат повисоки сметки за парното – вели Димитров.

    Тој смета дека државата треба поголемо внимание да посвети на стимулирање на граѓаните за примена на мерките за енергетска ефикасност, со што ќе им помогне да ги намалат сметките за струја и за парно, бидејќи во иднина можеби и ќе нема пари од буџетот за да се покрива разликата на политичката и економската цена на производството на топлинска енергија и да се помагаат финансиски компаниите.

    И професорот Ристо Цицонков смета дека економската цена на парното е висока во однос на она што досега го плаќаа граѓаните во Скопје и затоа владата ќе треба да субвенционира дел од трошоците на компаниите, а ЕСМ уште од сега треба да обезбеди гас за грејната сезона.

    – Со оглед дека цената на гасот во период на грејна сезона е многу повисока, лани достигна и до 220 евра за киловатчас, може да се очекува и оваа сезона да биде драстично повисока од сегашните 50 евра по мегаватчас. Тоа значи дека економската пресметка на цената, заедно со трошоците на компаниите кои произведуваат топлинска енергија и загубите на енергија поради стариот топловоден системм ќе биде повисока многу над она што сега ја плаќаат граѓаните. Државата ќе мора да субвенционира, за да нема непотребно откажување на граѓаните од парно, што не е добро од повеќе причини – загадување поради користење на дрво или оптоварување на мрежата на електричната енергија. Покрај ова, јас советувам ЕСМ уште сега да набави гас за сезоната, за да не се соочи со ланското ад хок решение и висока цена на овој енергенс што ќе ја доведе во загуба – вели Цицонков.

    Според него, државата веќе треба да изнајде трајно решение за повеќето енергетски проблеми за да не биде доведена да нуди ад хок решенија кои ќе ја чинат многу.

    Покрај цената, потребен е и квалитет на испорачаната топлина

    Од Организацијата на потрошувачи (ОПМ), пак, велат дека Регулаторната комисија за енергетика треба да ја задржи практиката навреме да ги информира граѓаните за новите цени на енергенсите.

    – Се надеваме дека навреме ќе биде објавена цената за парното, без разлика дали таа ќе биде повисока од сегашната, за да бидат граѓаните како потрошувачи информирани што ги чека во грејната сезона и да не бидат негативно изненадени. Овде е значајно да се каже дека покрај цената треба да се внимава и на квалитетот на парното и во кој период од денот ќе се користи и исклучува. Дали ќе се исклучува во 22 часот или ќе работи подолго, бидејќи во одделни семејства, главно со мали деца, кога има помал период на загревање, потребно е да се обезбеди дополнително загревање со друг енергенс што е и поголем трошок – вели претседателката на ОПМ Маријана Лончар Велкова.

    Таа, како што вели, не очекува граѓаните да се преориентираат на друг енергенс за загревање и да се откажат од парното бидејќи годинава е неизвесна во однос на греењето и кај останатите домаќинства кои се греат на други енергенси.

    – Неизвесност околу греењето имаат сите граѓани, без разлика со кој енергенс се загреваат. Бидејќи најголемиот дел од буџетот покрај храната оди за затоплувањето, барем во одреден период од годината. Цената на струјата порасна и не се знае каква ќе биде во вториот дел од грејната сезона, исто така не се знае и цената на огревното дрво – вели Лончар Велкова.

    Парно користат повеќе од 60.000 домаќинства во Скопје.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img