Граѓаните и инвеститорите кои ќе треба да подготват елаборат кај приватен геодет или друштво од 15 февруари треба да планираат повисоки износи за да го платат бидејќи поскапеа надоместоците и цените за квадратен или должен метар за нивна подготовка

Lorita
By Lorita 11 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Граѓаните и инвеститорите кои ќе треба да подготват елаборат кај приватен геодет или друштво од 15 февруари треба да планираат повисоки износи за да го платат бидејќи поскапеа надоместоците и цените за квадратен или должен метар за нивна подготовка. Просечно поскапувањето е за 200%, а некои од надоместоците се повисоки и до 300%.

Пораснаа и дел од цените на Катастарот за услугите кон граѓаните и приватните геодети, а сменет е и начинот на наплаќање на надоместоците што дополнително ги зголемува трошоците на граѓаните. Така сега надоместокот се наплаќа по имотен лист, а претходно основ за наплаќање беше барање или правен основ кој можеше да содржи и повеќе имотни листови за кои се плаќаше еден надоместок. Тоа значи дека ако досега со еден упис во имотен лист можеше да се внесат станот, земјиштето, заедничките простории, гаража, сега ќе мора тие посебно да се внесат и за секој да се добие имотен лист. Имотен лист и натаму е 250 денари, но при првиот упис чини 1.250 денари.

Од Катастарот потврдуваат дека овој надоместок претходно се наплаќаше по правен основ или барање, а сега се наплаќа поединечно односно по имотен лист.

– Во еден правен основ можеа да се содржани неограничен број имотни листови кои се наплаќаа по една цена. Сегашниот надомест останува непроменет, но се однесува само на еден имотен лист. Овој надоместок се наплаќа само при првиот упис и кога се менува сопственикот. Секое следно вадење имотен лист останува со цена од 250 денари – велат од Агенцијата за катастар.

Граѓаните се револтирани што на скриен начин преку основот за пресметување на надоместокот Катастарот им ги зголемува цените, а преку зголемување на цените на услугите на приватните геодети се зголемуваат цените и на геодетските елаборати. Компаниите кои веќе мислеа дека геодетските елаборати за одделни нови инвестиции се високи сега велат дека ќе бидат уште повисоки. Инвеститорите кои не ги фатија претходните цени сега ќе треба да ги зголемат финансиските обврски за висината на новите цени на услугите кај геодетите.

Сите очекуваат приватните геодети да ги прифатат највисоките утврдени висини на надоместоците, бидејќи мала е конкуренцијата во оваа област, иако во тарифниците се дава можност цените на надоместоците секој геодет да ги утврди според своите потреби.

Висината на основните надоместоци за геодетските елаборати кај приватните геодети според последните тарифник утврден од Агенцијата за катастар на недвижнини, зависно од тоа за каков објект се однесуваат (инфраструктурен или друг) се движат од најниски 5.626 денари до највисоки 16.917 денари. Кај сите услуги е зголемена и цената по квадратен или должен метар која се наплаќа плус и се движи од 4 до 40 денари зависно за каков објект се работи. Во висината на надоместокот не се пресметани трошоците за користење на податоци од геодетско-катастарскиот информациски систем, како и данокот на додадена вредност, што значи цената на услугата ќе порасне и за износот на овие два параметра.

Но, како што појаснуваат од катастарот, а е содржано и во новиот тарифник за приватните геодети можат да ги намалат цените на своите услуги најмногу до 50%, бидејќи Агенцијата за катастар го утврдува плафонот, односно највисокиот износ на надоместоците и цените на услугите.

Еве какви цени за подготвување на елаборатите ќе плаќаат инвеститорите за одделни услуги извршени при нивна подготовка од страна на приватните геодети.

- Advertisement -
Ad image

За премер на празна катастарска парцела во функција на запишување во катастар на недвижнина надоместот порасна на 7.850 денари по квадратен метар, а до пред некој ден беше 3.940 денари.

Основниот надоместок за премер на внатрешна површина на посебни и заеднички делови од зграда и други објекти: стан, подрум, подземна гаража, гаражно место, деловна просторија и други во функција на запишување/промена во катастар на недвижности сега изнесува 7.361 денар по квадратен метар, претходно беше 3.518 денари. На ова се плаќаат + 45 денари по квадрат, а претходно се наплаќаа по 18 денари.

Инвеститорите на фотоволтаични централи, брани, отворени спортски игралишта, паркови, плоштади, паркиралишта, зеленила, градби за сепарација на материјал за производство на бетон, бетонски бази, асфалтни бази и други објекти за премер за запишување/промена во катастар на недвижности ќе треба да платат 7.136 денари по метар квадратен. Претходно плаќаа 4.575 денари. На секој квадратен метар ќе доплаќаат уште по  4 денари.

- Advertisement -
Ad image

За спојување на повеќе парцели земјиште висината на надоместокот е 6.077 денари плус 1.500 денари за секоја нова катастарска парцела.

Идентификација со увид на катастарска парцела чини 7.085 денари, а на зграда или друг објект 5.647 денари.

Одбележувањето на границите на парцелата чини 7.077 денари плус по 35 денари по квадрат за објекти во градежен и вон градежен реон и по дополнителни 40 денари по квадрат за парцели кои се во шумски подрачја или се со земјоделски култури. Физичката делба на катастарските парцели чини 9.247 денари за поделба на две парцели, а за секоја нова делба се наплаќаат дополнителни 3.000 денари.

За изработка на геодетски елаборат за нумерички податоци со увид на лице место, за урбанистички план, приватизација на градежно земјиште, ако е дел од една или повеќе катастарски парцели надоместокот е 7.727 денари плус се доплаќа по 2.500 денари за секоја дополнителна парцела.

Надоместокот за изработката на елаборат за концесии и други цели изнесува 6.663 денари по е хектар и плус 1.500 или  3.000 денари за секој дополнителен хектар.

Нови цени има и за премер на надземни и подземни инфраструктурни објекти (патна, енергетска, телекомуникациска инфраструктура, канализациона, водоводна инфраструктура).

Највисок надоместокот има премерот на отворен ров со откривање на инфраструктурен објект со скенер кој изнесува 16.917 денари, а се плаќа плус цена од 15 денари по должен метар.

За бришење на срушени објекти на катастарска парцела основниот надомест е 7.491 денари.

Катастарот ги промени и надоместоците за заверка на геодетските елаборати. Сега овие надоместоци се утврдуваат по имотен лист, а не како порано по пријава или правен основ.

Така промена на носител на право и вид на право во постапка на одржување по имотен лист чини 5.250 денари, а промената на лични и адресни податоци за носителот на правото, личните и адресните податоци во имотен лист за инфраструктурни објекти чини 1.250. Предбележење како условно запишување инфраструктурни објекти/бришење на извршено предбележење чини 5.250 денари.

Променета е и висината на надоместокот за користење и увид на податоците од геодетско-катастарскиот информативен систем како и за издавање на овластување за изработка на картографски производи и за негово ставање во употреба кои се даваат во хартиена и електронска форма.

Така користењето на MAKPOS DGNSS за 1 година поевтини на 9.000 денари од 24.528 денари. Намалени се и цените за користење на податоците од катастарот на земјиште, податоците од Регистарот на просторни единици се бесплатни, а копијата од катастарскиот план исто така е со намалена цена и чини 250 денари. Фотокопија од работен катастарски план чини 300 денари по план.  Користењето на отворени податоци во електронска форма, не се наплаќа надоместок.

Граѓаните се вознемирени и поради новите поскапувања.

Реагираат и од компаниите кои се главните инвеститори, кои веќе мислеа дека геодетските елаборати за одделни нови инвестиции се високи, а сега велат се неколкукратно поскапи.

– Како потрошувачи на овие услуги на геодетите ние само може да негодуваме, но од друга страна секое зголемување на трошоците во работењето и зголемувањето на платите и во геодетските друштва мора да биде поткрепено со повисоки цени на услугите – вели Ангел Димитров од организацијата на работодавачи.

Тој не очекува дека вака високите цени на надоместоците утврдени од Агенцијата за катастар ќе бидат намалени од приватните геодети или друштва.

– Агенцијата за катастар требаше да внимава при утврдување на висината на надоместоците бидејќи кај нас нема конкуренција во геодетската област, па да очекуваме да се намалат веќе утврдените цени со овие тарифници. во некои општини има и по еден или двајца геодети кои можат да се договорат да не ги намалат цените, што е и очекувано – вели тој.

Дел од инвеститорите, кои не ги завршиле обврските со геодетските елаборати, како што велат ќе треба да ги променат плановите на инвестицијата, бидејќи сега трошоците во овој дел им се зголемуваат повеќекратно.

Од Катастарот појаснуваат дека надоместоците за приватните геодети и друштва не се променети од 2014 година и со новиот тарифник се врши изедначување на зголемените реални трошоци и цените кои друштвата ги наплаќаат за вршење на своите услуги што ќе значи и работа без да се создава загуба.

Засега приватните геодети молчат околу новиот тарифник.

Денеска за новите цени во тарифникот ќе се изјасни и Здружението на геодети во Стопанската комора

Share This Article