Граѓаните ги менуваат навиките за штедење и за кредитирање. Своите заштеди сѐ повеќе ги орочуваат до 2 години, а сакаат да штедат повеќе во странски валути. Во однос на кредитирањето сѐ повеќе се откажуваат од користењето на кредитни картички, но затоа, пак, се задолжуваат со потрошувачките, станбените и кредитите за автомобили кои забележуваат висок годишен раст.
Ова го покажуваат последните податоци на Народната банка, според кои вкупните депозити на домаќинствата во септември се зголемени за 0,1% на месечна основа, а на годишна основа се зголемиле за 11,2% што произлегува од зголемувањето на депозитните пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, при пад на краткорочните депозити.
Кредитите на домаќинствата, во септември, се повисоки за 0,8% и 7,7% на месечна и годишна основа.
„Растот по двете основи е резултат на зголемените кредити во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари“, се наведува во извештајот.
Септемвриските податоци покажуваат и дека банките го намалиле одобрувањето на кредитите преку кредитни картички и тоа на месечно ниво за 0,8%, а на годишно ниво за 9%.
Во истиот период има зголемување на кредитите одобрени врз други основи за 0,7%, и зголемување на негативните салда на тековните сметки од 4,6%. На годишно ниво и по двата основа има намалување од 17,5%, односно од 1,9%.
Кај најзастапените категории – потрошувачките и станбените кредити е забележан месечен раст од 0,6% и 1,0%, при годишно зголемување од 6,7% и 11,0%.
Овој месец, автомобилските кредити се намалени за 0,6% на месечно ниво, додека на годишно ниво се зголемени за 13,5%.
Податоците на Народна банка, покажуваат дека годишниот раст на вкупните депозити изнесува 8,8%, што, велат од Банката, се должи на зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. На годишна основа, вкупните кредити се зголемени за 7,5% под влијание на растот на кредитирањето на двата сектора, со малку поизразен придонес на секторот домаќинства.
На месечно ниво вкупните депозити, во септември се намалени за 0,4% и тоа, како што наведува НБ, во целост како резултат на падот на депозитите на корпоративниот сектор, додека депозитите на домаќинствата остварија раст.
Вкупните кредити, во септември бележат месечен раст од 0,4%, којшто во целост се должи на зголеменото кредитирање на секторот „домаќинства“.