Граѓани кои сакаат да се исклучат од парното во Скопје тврдат дека минуваат низ тежок процес на докажување кои документи треба да ги достават до ЕСМ снабдување со топлинска енергија, откако Уставниот суд укина дел од членот 54-а од Правилата за изменување и дополнување на правилата за снабдување со топлинска енергија. Тие тврдат дека ЕСМ снабдување и Регулаторната комисија за енергетика не ја почитуваат и не ја применуваат одлуката на Уставниот суд.
Од Регулаторната комисија за енергетика која ги носи овие правила тврдат дека доследно се почитува одлуката на Уставниот суд иако нема измени во текстот на Правилникот, бидејќи укинатите делови од спорниот член се вон сила.
Кои правила ги укина Уставниот суд?
Уставниот суд на 20 мај годинава донесе одлука со која се укинува член 54-а став 1 точки 1, 2 и 4 од Правилата за изменување и дополнување на правилата за снабдување со топлинска енергија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 233/2020).
Според оваа одлука не треба да се применуваат точките 1,2 и 4 од овој член кои гласат:
Сопственикот на посебниот дел од објектот којшто бара да се исклучи од системот за централно греење ја спроведува следната постапка:
1. обезбедува писмена согласност за исклучување од системот за топлинска енергија од мнозинство од вкупниот број сопственици на посебни делови од објектот,
2. по добивање на писмената согласност барателот е потребно да изготви проект за греење со кој ќе се предвиди алтернативниот систем за греење којшто ќе се користи по исклучувањето,
3. обезбедува подобри енергетски перформанси, односно е поефикасен и еколошки поприфатлив и го намалува користењето на примарна енергија во споредба со системот за централно греење на којшто е приклучен, земајќи ја предвид енергијата потребна за екстракција, конверзија, транспорт и дистрибуција,
4. барателот му го доставува на снабдувачот проектот за греење со барање за негово одобрување и реализирање. Снабдувачот одлучува по барањето за одобрување на проектот со решение во рок од 15 дена од денот на доставувањето. Ако снабдувачот го одбие барањето за одобрување на елаборатот за енергетска ефикасност, потрошувачот има право против решението на снабдувачот да поднесе приговор до Регулаторната комисија за енергетика.
Граѓаните се жалат дека не се почитува одлуката на Уставен
Но, за проблемот да биде посложен, обврската на оној кој сака да се исклучи од парно да обезбеди согласност од станарите не е избришана од членот 54 од Правилата кои се во сила, а укинатите делови се предвидуваат и во него. Токму ова го наведуваат како проблем граѓаните кои од мај наваму поднесуваат барања да се исклучат од парно греење.
– Да се исклучиш од парно ти треба јаки нерви зашто сѐ се прави за да се премислиш. Мојот случај е таков. Веќе два месеца се борам да стигнам до крајната цел. Поднесов барање до ЕСМ на 30 мај, но ЕСМ не ми одговорија и се жалев, по што ми кажаа дека треба да ги исполнам условите од правилата за снабдување со топлинска енергија кои веќе ги избриша Уставниот суд. Поднесов приговор до Регулаторната комисија за енергетика од каде што добив ист одговор. Се повикуваат на членот 54 каде што стои обврската дека треба да се обезбеди согласност од станарите за да се исклучам од парно, односно се повторуваат истите барања кои ги укинува судот, а треба да бидат усогласени со одлуката и избришани, значи да не се применуваат. Проверив и дали се избришани точките 1,2 и 4 од членот 54-а, но тие сè уште фигурираат без да има некаква ознака, како што се прави со други закони кога е вон сила некој дел од член – обележување со црвено и со фуснота или да се избрише. Не знам зошто се прави ова. Веројатно да им се тегнат предметите на тие како мене и да се советуваат одново да ја почнат постапката, но зошто? – вели Борче Ѓорѓиев кој води постапка за исклучување од парно.
И од здружението кое со години ги бара правата на граѓаните кои се исклучени од парно Но пасаран велат дека е чудно што не се избришани или означени деловите од Правилникот кои ги укина Уставниот суд.
– Регулаторната комисија не само што треба да ги избрише укинатите делови од правилата, туку треба да направи измени на сите делови од правилата каде што се споменуваат укинатите точки. Тоа значи покрај другото да го усогласи членот 54 (кој ги содржи 54, 54-а и 54-б) и другите членови кои ги имаат укинатите зборови или делови од Правилникот со одлуката на Уставниот суд. Тоа се прави за неколку часа, но очигледно е дека не се сака да се направи тоа за да се остави можност за манипулирање. Доколку во блиска иднина не се избришат неуставните делови од правилата ние ќе поднесеме тужба. Дополнително со овие правила само се усложнува постапката за исклучување што е уставно и човечко право – вели Маријан Ненов од Но пасаран.
Зошто не се бришат укинатите делови во Правилникот?
Тој забележува и дека има нелогичност и во тоа што се бара од граѓаните кои се исклучуваат од парно да подготват два елабората и за тоа да ангажираат двајца инженери.
– Тоа е непотребен трошок на граѓаните што ќе ги чини плус 200 евра. Заедно со исклучувањето кое се плаќа на ЕСМ зависно од големината на станот и дали има една или две вертикали на парното, вкупно може да ги чини и повеќе од 300 евра. Колку е нелогично ова говори фактот дека инженерот за подготовка на проект за инвертер уред нема што да напише во проектот освен јачината на инвертерот, а инженерот контролор за енергетска ефикасност треба да напише само дека ова греење е далеку поевтино од греењето на парно. Е тоа ќе го чини граѓанинот најмалку 200 евра – вели Ненов.
Ненов додава и дека исклучените од парно не се привилегирани станари и дека тие не влијаат на трошоците на останатите станови.
– Не е точно дека другите станари ќе имаат повисок трошок ако некој стан се исклучи од парно. Дури овие станари кои се сосопственици на топлинските потстаници и топлинските пумпи не бараат никаков надоместок од ЕСМ снабдување за нивно користење. А дека се греат заеднички простории или влезови во зградите е смешно да се каже – вели тој.
Регулаторите тврдат дека одлуката се почитува
Од Регулаторната комисија за енергетика која го подготвува Правилникот велат дека одлуката на Уставниот суд во однос на бришење на делови од членот 54-а доследно се применува и дека нема потреба овие делови да се бришат од текстот, бидејќи се вон сила, за што е известена и ЕСМ снабдување.
– Регулаторната комисија за енергетика ја почитува одлуката на Уставниот суд која укина три става од членот 54-а од правилата за снабдување со топлинска енергија. Овие делови од членот 54-а се вон сила иако сè уште се во текстот на Правилникот. Имавме и состанок со ЕСМ снабдување на кој се дадени точки инструкции што се применува, а што не од тој член на правилата – вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
Тој додава дека Регулаторната комисија дури му наложила на ЕСМ снабдување да не им бара на граѓаните кои се исклучиле да обезбедуваат согласност од станарите иако во членот 54 од Правилникот таа обврска не е укината.
– За да нема недоразбирање во однос на примената на одлуката на Уставниот суд, во однос на обезбедувањето согласност од станарите која се бара и во членот 54 од Правилникот, а е укината во членот 54-а, ние самоиницијативно му наложивме на ЕСМ снабдување да не бара согласност од граѓаните кои сакаат да се исклучат од парно. Сепак, сметаме дека со исклучување на еден или повеќе станови од парно, трошокот на останатите станари кои остануваат на централното греење се зголемува. Тука би споменал дека тие го плаќаат парното за заедничките простории – вели Бислимоски.
Тој додава дека граѓаните кои сакаат да се исклучат од парното треба да ги исполнат останатите критериуми кои се предвидени во правилникот.
Кои документи се потребни за исклучување од парно?
– Тие според двата члена од Правилникот треба да подготват проект за греење кој треба да го направи инженер и да ангажираат контролор кој ќе утврди дали новиот начин на греење е подобар, поекономичен или еколошки подобар. Има и други обврски кои треба да се исполнат – вели Бислимоски.
Тоа значи ако граѓаните кои се исклучуваат од парно и се префрлаат на греење со инвертер, ќе треба да ангажираат инженер да им направи проект за греење и да ангажираат контролор кој треба да каже дали инвертерот е поекономично греење од парното, да го изведат проектот за греење, да го известат снабдувачот со топлина за сите постапки и за исклучувањето од системот за греење и да ја поднесат целокупната документација кај снабдувачот со топлина. Но граѓаните и по тие постапки и трошоци сè уште се во неизвесност каква одлука ќе донесе снабдувачот, бидејќи може да бидат одбиени и нема да можат да се исклучат.
Бислимоски ги советува граѓаните кои веќе ја почнале постапката и се жалат дека биле одбиени, одново да ја почнат постапката и да ги почитуваат членовите од законот кои не се укинати и да ги исполнат обврските.
Експерти по уставното право велат дека Регулаторната комисија за енергетика мора да се произнесе по одлуката на Уставниот суд и да го усогласи Правилникот со одредбите кои се укинати од судот, што подразбира и усогласување и на другите членови на правилата со одлуката на Уставниот суд.
– Одлуките на Уставниот суд се јасни и конечни и не се обжалуваат туку треба само да се применуваат. Тоа значи дека целиот Правилник треба да се исчисти од деловите кои се укинати – велат тие.