Благоевград ќе ги казни двајцата општински службеници и нивните сопруги осомничени дека го вандализирале македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ со еднаква казна како што би биле казнети цариниците на македонската граница кои „предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари“. Ова е пораката која доаѓа од градоначалникот на Благоевград, по апсењето на четири лица на возраст од околу 40 години, кои моментално се во притвор, јавува 24часа.
– Доколку се докаже вината на општинските службеници, ќе го применам принципот на реципроцитет на казните, тоа значи дека ќе ги казнам оние кои работат во општина Благоевград со точно иста казна како што ќе бидат казнети цариниците, граничната полиција и други функционери во Република Северна Македонија кои предизвикаа ментално и физичко насилство врз многу Бугари. Во моментот кога ќе бидат отпуштени вработените во Северна Македонија кои ги малтретираа бугарските граѓани, веднаш ќе ги отпуштам вработените во ОП Озеленување на општина Благоевград – изјавил градоначалникот Илко Стојанов.