Градот Скопје ги демантира, како што вели, лажните информации пласирани во јавноста дека Противпожарната бригада е без гориво.
„Актуелниот договор за гориво, сѐ уште не е исцрпен, односно има важност до 05.06.2022 година. Градот Скопје навреме ја почна процедурата за нов договор кој е потпишан, со што се обезбедува континуирано и редовно снабдување со гориво на градските служби и Противпожарната бригада“, се наведува во реакцијата на Град Скопје.
Оттаму додаваат дека Град Скопје и Противпожарната бригада имаат предвидено и резерви за непречено функционирање, со што во ниту еден момент не е доведено во прашање нивното ефикасно функционирање.
„Апелираме да не се манипулира со јавноста особено кога е во прашање работата на Противпожарната бригада, чие непречено функционирање е од огромно значење по сигурноста и безбедноста на скопјани“, се додава во реакцијата на Градот.