Обилните дождови низ северна Индија предизвикаа лизгање на земјиштето и поплави во кои загинаа најмалку 22 лица, соопштија властите и локалните медиуми.
Училиштата во Њу Делхи беа затворени по обилните дождови што го зафатија главниот град во текот на викендот, а властите во хималајските држави Химачал Прадеш и Утараханд побараа од луѓето да не ги напуштаат своите домови освен ако е апсолутно неопходно.
Најмалку 22 лица загинаа во поплавите и лизгањето на земјиштето во северните држави Химачал Прадеш, Утаракханд, Утар Прадеш, Џаму и Кашмир и Пенџаб во неделата, објави весникот „Тајмс оф Индија“.
Поплавите во северната држава Химачал Прадеш доведоа до уривање на мост и неколку згради во текот на викендот. Властите користеле хеликоптери за да ги спасат луѓето заглавени на патиштата и мостовите поради дождот, покажаа снимките на АНИ.
Поплавени се улици во северните држави, вклучително и Пенџаб, Делхи и Утараханд. Спасувачките тимови користеле гумени сплавови во некои области за да стигнат до луѓето во нивните домови, јавуваат локалните медиуми.
„Ве молиме останете во затворени простории бидејќи се очекуваат пообилни врнежи во следните 24 часа“, рече Сухвиндер Синг Суху, главен министер на Химачал Прадеш, на социјалните мрежи доцна во неделата.
Во текот на викендот, многу области на Химачал Прадеш добија дожд колку што вообичаено добиваат за еден месец, изјави висок метеоролошки претставник.
Во Делхи, Пенџаб и Химачал Прадеш има 112, 100 и 70 отсто над просечните врнежи во тековната сезона на монсуните која започна на 1 јуни, според метеоролошкиот оддел.