Игнатиус Ганаго, фудбалерот на француски Нант, ќе го прескокне осминафиналето на Европската лига против Јувентус. Непосредно пред средбата добил страшна вест, починала неговата 5-годишна ќерка.
Веднаш штом дознал дека неговата ќерка е болна, 23-годишниот фудбалер отпатувал за Камерун, но девојката починала пред неговото доаѓање.
Тажната вест ја потврди францускиот прволигаш на својот официјален профил на Твитер, изразувајќи сочувство до својот член и неговото семејство:
„Со длабока тага дознавме за смртта на ќерката на нашиот напаѓач Игнатиус Ганаго. Многу ти мислиме Гана, клубот е со тебе низ ова тешко искушение“, порачаа од францускиот клуб.
Голем број клубови од Франција му изразија сочувство на Ганаго, како и нивниот европски противник. Работите да бидат уште полоши, Ганаго ја загуби ќерката само неколку дена пред неговиот 24-ти роденден.
За фудбалската репрезентација на Камерун забележа 11 настапи, но не беше дел од тимот што отиде на Светското првенство во Катар.