Во Хрватска се зголемува бројот на заболени од голема кашлица (Pertussis), повеќето се меѓу децата, па затоа се организираат пунктови за тестирање на инфекции, додека епидемиолозите се уште препорачуваат вакцинација како најдобра заштита.
Според евиденцијата на Хрватскиот завод за јавно здравје (ХЗЈЗ), во Хрватска досега од голема кашлица се разболеле 2.312 лица, најмногу во Загреб, а потоа и во Сплитско-далматинската жупанија. Најголем број заболени се на возраст од 10 до 14 години.
Експертите предупредија дека тоа е најголемиот број на заболени од голема кашлица во Хрватска во изминатите 40 години. Тие, исто така, укажуваат дека вакцинацијата против голема кашлица и други заразни болести и натаму е најефикасна заштита за новороденчињата и доенчињата, како и за постарите деца, што се спроведува според програмата за вакцинација – објави Н1.
Новороденчињата и доенчињата се најзагрозени од заразата која брзо се шири. Кај нив болеста може да биде многу тешка, а во некои случаи дури и фатална. За децата кои ги примиле сите потребни вакцини, болеста не е опасна, а во повеќето случаи нема сериозни компликации. Почетните симптоми на болеста се зголемена телесна температура и шмркање, а продолжува со зголемена кашлица, често со отежнато дишење при посилно вдишување. Понекогаш предизвикува и повраќање. Закрепнувањето може да трае со недели, па дури и месеци.