Голема експлозија во складиште на оружје, по кој следеше пожар, ги вознемири жителите на бугарскиот град Карнобат, недалеку од црноморското пристаниште Бургас, објавија бугарски медиуми.
Складот со оружје е сопственост на Емилијан Гебрев, еден од најголемите трговци со оружје во Бугарија. За агенција БTA тој изјавил дека не му се познати причините за експлозијата, а рекол дека во магацинот немало производство кое е запалливо. Тој изразил сомнеж дека во истиот објект, кој го делел со други фирми, можно е да имало некој нелегален бизнис.
Експлозијата ги поттикна шпекулациите дека е можно да се работи за саботажа, со оглед на тоа што Гебрев е познат по тоа што извезува оружје и опрема во Украина, уште од 2014 година. Неколкупати претходно бил цел на напади, па дури и обиди да биде отруен, што ги поттикна претпоставките дека руските разузнавачки служби се обидуваат да го елиминираат.
Во 2014 година се случи експлозија во еден од неговите магацини во Чешка, во селото Врбетице кај Злин, а по истрагата чешките власти уапсија и обвинија за диверзија двајца руски државјани, кои се претставиле како потенцијални купувачи. Москва тогаш негираше било каква вмешаност.
Во јуни 2022 година исто така се случи експлозија во друг магацин на Емилијан Гебрев во Бугарија.