Голем пожар избувна во складиште за нафта во руската област кај Брјанск, град на околу 150 километри од границата со Украина, соопшти локалната власт.
„Во населбата Сурајски горат акумулации со нафтени деривати“, објави гувернерот Александар Богомаз преку социјалните мрежи, додавајќи дека на местото на пожарот се екипи од пожарникари и спасувачи.
Гувернерот не кажа што го предизвикало пожарот, но рече дека засега нема информации за жртви.
Според гувернерот, пожарот зафатил површина од 1.800 метри квадратни и повеќе од 80 луѓе се борат со огнот.
Државната агенција Тасс, повикувајќи се на спасувачките служби, извести дека пожарот се проширил на 4.000 квадратни метри.
Во октомври, украинските сили гранатираа складиште за нафта во близина на Белгород, исто така на границата со Украина, како и електрана во областа.