Новак Ѓоковиќ, најдобриот српски тенисер, проговори за војната во Украина. Како дете доживеал две војни, првата по распадот на Југославија, а потоа бомбардирањето на НАТО.
„Единствено што можам да кажам, како дете на војна, е дека никој не победува во војна. Војната е најгрдото нешто на светот, најлошиот изум на човекот“, започна славниот тенисер во интервју за италијанските медиуми и продолжи:
„Видов две војни, граѓанската војна во Југославија и бомбардирањето на НАТО. Ги видов страдањата на моето семејство, сиромаштијата на мојата земја. Војната е нешто многу поголемо од нас, само молете се на Бога да ја заврши утре“.
За војната во Украина, која трае од февруари минатата година, тој вели дека секој ден е се попогубна:
„За жал, војната во Украина е бавна и се поуништува секој ден. Уништени се градови, скратени животи, а има и штети кои не се гледаат и ќе траат долго. Читам статија за последиците од воените трауми, тие влијаат на здравјето. Најлошата работа, секако, е загубата на саканата личност, таа остава празнина во секое семејство. Затоа никогаш не можам да го поддржам“, заклучи српскиот тенисер.
„Кустурица е вистински и чесен човек“
Покрај бројните други теми за кои новинарите во Италија разговарале со Ѓоковиќ, изјавиле и дека се сретнал со режисерот Емир Кустурица.
„Да, и тој е уште една личност од која научив многу. Можеби не се согласувам за некои работи, но тој е вистински, искрен човек. Оној кој има храброст за сопствените идеи, и ги брани од притисокот на медиумите. И јас знам нешто за тоа, со притисоците што морав да ги издржам во последните три години“.