More

    Годишно по 720.000 лица си го одземаат животот

    spot_img

    Самоубиствата се трета водечка причина за смрт помеѓу младите луѓе на возраст од 15 до 29 години, а три четвртини од овие самоубиства се случуваат во земјите со ниски и средни приходи, се вели во извештај на Светската здравствена организација што го пренесе Институтот за јавно здравје по повод 10 септември, Светскиот ден за превенција на самоубиства.

    Другите клучни факти во овој извештај се дека над 720.000 луѓе умираат поради самоубиства секоја година, претходните обиди за самоубиства се важен ризик-фактор во општата популација, а причините за одземање на сопствениот живот се повеќеслојни, под влијание на социјалните, културните, биолошките, психолошките и еколошките фактори присутни во текот на животот. Самоубиствата се голем јавно-здравствен проблем и секое самоубиство има далекусежни социјални, емоционални и економски последици на заедниците ширум светот.

    Темата на Светскиот ден за превенција од самоубиства за периодот 2024-2026 година е „Промена на наративот за самоубиства“ и заедно со повикот за акција „Започни го разговорот“, има цел да ја подигне свеста за важноста на намалувањето на стигмата и да поттикне отворени разговори за спречување на самоубиствата.

    „Промената на наративот за самоубиства подразбира трансформирање на начинот на кој го перципираме ова комплексно прашање, како и премин од култура на молчење и стигма кон култура на отвореност, разбирање и поддршка. Овој повик за акција ги охрабрува сите да започнат разговор за самоубиствата и нивната превенција. Секој разговор, без разлика колку и да е мал, придонесува кон создавање на поддржувачко општество кое им помага на поединците што се соочуваат со овие сериозни проблеми. Со иницирање на вакви значајни разговори, можеме да ги разбиеме бариерите и да ја подигнеме свеста, овозможувајќи развој на култура на поддршка“, се вели во извештајот на СЗО.

    Темата „Промена на наративот за самоубиства“, исто така, ја истакнува важноста од давање приоритет на превенцијата од самоубиства и грижата за менталното здравје во креирањето политики, повикувајќи на владина акција. Промената на наративот бара застапување за политики кои го приоритизираат менталното здравје, го зголемуваат пристапот до услуги и обезбедуваат поддршка за оние на кои им е потребна.

    Светскиот ден за превенција од самоубиства е воспоставен во 2003 година од Меѓународната асоцијација за превенција од самоубиства во соработка со Светската здравствена организација. Секоја година 10 септември има цел да го стави во фокус овој важен и горлив проблем, нагласувајќи ја потребата од намалување на стигмата и подигнување на свеста меѓу организациите, владите и јавноста и пренесувајќи единствена порака дека самоубиствата може да се спречат.

    За тоа кој е во ризик во извештајот се вели дека врската помеѓу самоубиствата и менталните нарушувања, како депресијата и нарушувањата поврзани со употребата на алкохол, е утврдена во земјите со високи приходи. Сепак, многу самоубиства се случуваат импулсивно во моменти на криза, при нарушена способност за справање со животните предизвици, предизвикани од финансиски проблеми, конфликти во врските или хронична болка. Дополнително, доживувањето на насилство, злоупотреба или загуба, како и чувството на изолација, е тесно поврзано со самоубиственото однесување, особено кај ранливите групи кои се соочуваат со дискриминација,  како бегалците, мигрантите, ЛГБТИ заедницата и затворениците.

    Постојат неколку мерки кои можат да се преземат на ниво на популација, подпопулација и индивидуално ниво за да се спречат самоубиствата и самоповредувањето. Иницијативата за превенција од самоубиства на СЗО, „LIVE LIFE“ препорачува повеќе клучни ефикасни интервенции базирани на докази. Тоа се ограничување на пристапот до средства за самоубиства, како на пример пестициди, огнено оружје и одредени лекови), интеракција со медиумите за одговорно известување за самоубиства, поттикнување на социо-емоционални животни вештини кај адолесцентите и рано идентификување, проценка, управување и следење на секој што е погоден од самоубиствено однесување. Овие мерки треба да се спроведуваат заедно со ситуациска анализа, мултисекторска соработка, подигање на свеста, градење на капацитети, финансирање, надзор и мониторинг и евалуација.

    Превенцијата од самоубиства, се додава во извештајот, бара координација и соработка помеѓу различни сектори на општеството, вклучувајќи го здравството, образованието, трудот, земјоделството, економијата, правдата, одбраната, политиката и медиумите. Со оглед на повеќеслојната природа на самоубиствата, неопходни се сеопфатни и интегрирани напори.

    Стигмата поврзана со менталните нарушувања и самоубиствата спречува многу луѓе кои размислуваат за одземање на сопствениот живот или кои се обиделе да си го одземат животот да побараат помош, што води кон недоволна поддршка. Превенцијата од самоубиства претставува несоодветно третиран јавно-здравствен проблем поради недоволната свесност и табуата во општествата. Неколку земји ја вклучиле превенцијата од самоубиства како здравствен приоритет, а само 38 земји имаат национална стратегија за превенција. Подигањето на свеста и рушењето на табуата се клучни за напредок. Без овие промени, спречувањето на самоубиствата останува предизвик.

    Глобално, се наведува во документот, пристапот до податоци за самоубиства и самоповредување, како и нивниот квалитет е ограничен. Само околу 80 земји-членки на СЗО имаат квалитетни податоци што може директно да се користат за проценка на стапките на самоубиства. Недоволното пријавување и погрешната класификација претставуваат поголеми проблеми кај самоубиствата отколку кај повеќето други причини за смрт, пред сѐ, поради стигмата и нелегалноста на самоубиственото однесување во некои земји. Подобреното следење и мониторирање на самоубиствата и самоповредувањето е клучно за креирање на ефективни стратегии за превенција. Разликите во моделите на самоубиства меѓу земјите и промените во стапките, ја нагласува потребата од подобрување на квалитетот на податоците. Ова подразбира витална евиденција на самоубиства, болнички регистри за самоповредување и репрезентативни анкети на национално ниво.

    Итноста за спречување на самоубиствата беше препознаена и приоритетизирана на глобално ниво. Намалувањето на стапката на самоубиства е индикатор во Целите за одржлив развој на ОН (единствениот индикатор за ментално здравје), Општата програма за работа на СЗО и во Сеопфатниот акциски план за ментално здравје на СЗО 2013-2030.

    Првиот светски извештај за самоубиства на СЗО, „Спречување на самоубиствата: глобален императив“, објавен во 2014 година, имаше цел да ја истакне важноста на превенцијата од самоубиства како висок приоритет во глобалната јавно-здравствена агенда. Исто така, да ги охрабри и поддржи земјите да развијат или зајакнат сеопфатни национални стратегии за превенција од самоубиства преку мултисекторски пристап.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img