За подобра системска подготовка на оперативната постапка, апелираме оданочувањето на капиталната добивка од акции и удели да се одложи за уште една година поради потребата од нејзино поедноставување – рече претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити во обраќање на Годишната конференција на Берзата во Охрид.
Алити рече дека Комисијата го поддржува предлогот на Берзата постапката да се централизира во Централниот депозитар за хартии од вредност, со што сега предвидената сложена административна процедура нема да претставува бариера за инвеститорите.
Претседателката на КХВ истакна дека со користење на предностите на дигиталната технологија се зголеми способноста за да се делува брзо, ефикасно и решително.
– Силно инвестираме во модернизацијата на ИТ инфраструктурата – вклучително со тоа да станеме еден од првите регулатори во земјата што целосно ги дигитализира процесите, зголемувајќи ја транспарентноста, а и нашата способност за надзор, нагласи Алити.
Воведни обраќања на отворањето на конференцијата имаа и министерот за финансии Фатмир Бесими и главниот извршен директор на Македонска берза АД Скопје Иван Штериев.