Озлогласениот Џефри Епштајн, кој беше обвинет за сексуална трговија наводно им позајмил 270.000 долари на Ноам Чомски и 150.000 на Леон Ботштајн во 2008 година. Чомски го негираше ова во интервју за Волстрит Џурнал, иако призна дека тој од Епштајн побарал да му помогне околу „техничка работа во врска со исплатата на заедничките средства од неговиот прв брак“.
– Трансферот на околу 270.000 долари од сметка поврзана со Епштајн во март 2018 година беше „ограничен на преуредување на моите сопствени средства и не вклучуваше ниту денар од Епштајн – инсистира Чомски.
– Мојата покојна сопруга почина пред 15 години по долго боледување. Не обрнувавме внимание на финансиските прашања. Го прашавме Епштајн за совет. Се чинеше дека наједноставниот начин беше да се префрлат средства од една сметка на мое име на друга, преку неговата канцеларија – објасни познатиот 94-годишен лингвист и аналитичар.
Чомски претходно за Волстрит Џурнал изјави дека го познава Епштајн и дека повремено се среќавaле за да разговараат за политички и академски прашања.
Диригентот Леон Ботштајн пак, потврди дека му пристапувал на покојниот финансиер Епштајн во неколку наврати во обид да собере пари за колеџот Бард во Њујорк, каде што од 1970-тите па натака ја извршувал функцијата претседател.
Ботштајн изјави дека добил 150.000 долари од Епштајн во 2016 година на личната сметка. Сепак, Ботштајн инсистирал да ги префрли парите на сметка на училиштето.
Швајцарско-американскиот диригент вели дека Епштајн го назначил за консултант за еден од неговите проекти па му ги префрлил парите како исплата за работата.
– Немам поим зошто тој (Епштајн) ја смислил оваа шема. Не сакаше да му напише чек на (универзитетот) Бард. Тој се сожали на мене и ми рече: „Ќе ти дадам пари, а ти прави што сакаш со нив“ – се сеќава Ботштајн.