Од донесување на Одлуката за посебни услови за трговијата на одделни стоки, односно за училишен прибор, извршени се над 150 надзори кои се во тек заради обемната документација и анализа. Притоа се констатирани неправилности кај 3 правни субјекти, соопшти Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Според ДПИ, еден од правните субјекти е трговец на големо, казнет со над 452.000 денари поради непочитување на Одлуката и со уште над 200.000 денари поради неводење трговска евиденција.
Казнети се и двајца трговци на мало (голем и мал правен субјект). За големиот правен субјект е издадена глоба од над 452.000 денари за непочитување на Одлуката, а кај малиот правен субјект се изречени глоби заради непочитување на Одлуката во вредност од над 105.000 денари и по Закон за заштита на потрошувачите во вредност од над 76.000 денари.
Надзорите се прават низ цела територија на Северна Македонија. Казните изнесуваат од 800 до 10.000 евра во зависност од големината на правниот субјект и се одредуваат во согласност со Законот за трговија.
„Апелираме до трговците да ја почитуваат Одлуката и најитно да ги прилагодат цените. Надзорите ќе продолжат и инспекторите ќе бидат на терен се додека трае Одлуката. Пријава до пазарниот инспекторат може да поднесете на 191 или www.dpi.gov.mk“, соопшти ДПИ.